ПРИЗМА: Кој се плаши од Зоран Божиновски?

од Vladimir Zorba

Кој е интересот на Oбвинителството за организиран криминал и корупција да води судска постапка против Зоран Божиновски и да не го предаде предметот на СЈО, кога сите сведоци и докази се наоѓаат во предметот „Шпион“ преземен од СЈО? – прашува Призма.

zoranbozhin

Ова прашање се отвори деновиве откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција одби да го предаде предметот против новинарот Божиновски во Обвинителството што го раководи Катица Јанева, во чија надлежност премина основниот предмет „Шпион“ во кој има 18 обвинети и осудени.

Во овој предмет, во кој им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, екс полициски службеници, екс директорот на Управата за борба против перење пари, екс шефот на Претседателот на Собранието на Република Македонија.

Меѓу нив е и новинарот Зоран Божиновски кој се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин, затоа што српските власти кои го уапсија во 2013 година, не ѝ го испорачуваа на Македонија, сѐ до март годинава, кога во „брза“ постапка, за само еден ден, беше екстрадиран.

Катица Јанева пред две седмици го побара предметот како продолжение на „Шпион“, но Обвинителството за организиран криминал соопшти дека „тие ќе ја почитуваат одлуката на Советот на јавни обвинители кој претходно одлучи дека надлежно за Божиновски не е СЈО туку организиран криминал“.

Судот пак, на обвинувањата дека намерно не го контактира СЈО за овој предмет, соопшти дека „нив не им е важно кој обвинител е надлежен, сѐ додека на закажаните рочишта и во истрага имаат легитимен обвинител кој доаѓа и ја води постапката“.

Што се крие зад отпорот случајот да се предаде во СЈО

Извори од Обвинителството за БИРН тврдат дека јавниот обвинител Марко Зврлевски по секоја цена барал „Шпион“да го задржи Вишото обвинителство, но кога второстепениот суд му го предаде на СЈО, морал да се повлече.

Затоа, сега истото го прават и со Божиновски, плашејќи се од можноста обвинителката Лиле Стефанова која сега е во СЈО, а го водеше предметот „Шпион“, на предлог на одбраната да не сведочи во постапката откривајќи информации кои би можеле да им дадат сосема друга насока и на случајот „Шпион“ и на претходниот случај „Ликвидација“.

Имено, Стефанова која сега е дел од Специјалното јавно обвинителство, според неофицијални информации ги има не само сите списи од „Шпион“ кои се дел од пресудата туку и десетиците други кои биле дел од предметот, а кои биле изведени како докази, но не се цитирани во пресудата или воопшто не се појавиле во јавност.

Меѓу тие докази кои не се целосно познати во јавност се споменуваат материјали за „соработка“ на сегашни пратеници, поранешни министри и други функционери кои соработувале со разузнавачите и им давале информации кои потоа служеле за изработка на извештаи кои биле доставувани до грчката и унгарската тајна служба.

Првиот случај за шпионажа во Македонија во кој беа обвинети 18 луѓе, поранешни разузнавачи, вработени во Собранието на Република Македонија, во дирекции и бизнисмени, заврши на почетокот на октомври 2014 година, со објавување на пресудата.

Првообвинетиот Марјан Ефремов беше осуден на казна затвор во траење од 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање. Другите обвинети беа осудени на казни од една до девет години.

Во меѓувреме, еден од обвинетите почина. Дел од групата се во притвор, а тие кои имаа затворски казни до 3 години до правосилност на пресудата се на слобода.

Предметот повеќе од две години е пред Апелацискиот суд, но не е пресуден поради недоаѓање на мал дел од обвинетите, како што е екс шефот на кабинетот на Трајко Вељаноски, Марјан Маџоски, и немање обвинител на последните рочишта.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини