Проблемот со името ќе се реши овој процес оди напред!

од Vladimir Zorba

 За последните случувања меѓу Македонија и Грција, особено по средбата на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос и во пресрет на посетата на медијаторот Метју Нимиц на регионот за МИА говори професорот по меѓународни односи на универзитетот Пиреас во Атина, Аристотелис Ѕиамбирис.

Ѕиамбирис вели дека со преименувањето на аеродромот и автопатот направен е еден, а можеби и два чекора кон решение, но коментира дека решението не е лесно. Објаснува дека грчкиот народ и грчките партии, не само што не се подготвени за решение, туку се и против договор за сложено име со терминот Македонија.

Во однос на предлозите на медијаторот, професорот Ѕиамбирис, кој проблемот со името го следи од самиот почеток, вели дека според негова проценка, новото име ќе биде сложено, со терминот Македонија, но на македонски јазик, без превод.

Господине Ѕиамбирис, по пауза од седум години, имаше средба на премиерско ниво, министрите за надворешни работи имаат зголемена комуникација, двете страни изразуваат волја и оптимизам за решение. Се наоѓаме ли блиску до договор за името?

– Проблемот не е решен веќе 26 години, па така не е ниту лесно, не е ниту очигледно дека може да се постигне договор. Но, без никаков сомнеж постои еден прозорец на можности и мислам дека сме во најдобра позиција да се најде договор во последните 10-15 години. Според тоа, не постојат гаранции дека на крај ќе си подадат раце и ќе се постигне договор, но сме во најдобар момент во споредба со претходно и сметам дека е можно да се реши ова тешко и трнливо дипломатско прашање.

– Средбата на премиерите на двете држави имаше клучно и суштинско значење. До неодамна, барем во Атина, слушавме убави муабети и позитивни зборови од Владата на Заев, но поважно од зборовите, се делата. Преименувањето на аеродромот и патот се дела, опипливи чекори, кои ако ништо друго, покажуваат намера за справување со иредентизмот и да одиме кон процес за решение. Во исто време Атина, на свој начин возвраќа. Секако не постои прашање со иредентизам во Атина, но на пример учеството на државата во Јадранско–јонската иницијатива е пример дека Атина навистина има добра волја и добри намери за решавање на овој проблем. Според тоа средбата на двајцата премиери го води процесот еден или два чекора напред во правец кон решение.

Медијаторот Метју Нимиц следната седмица доаѓа во регионот. Прво во Атина, потоа во Скопје. Според вашето мислење, што би можеле да очекуваме? Дали можеби би доставил едно конкретно име што би требало да го разгледаат двете страни?

– Пристигнувањето на Нимиц покажува дека овој процес суштински оди напред, а од предлозите можеме да извлечеме некои заклучоци. Прво, дека сите имиња што ги предложи го вклучуваат терминот Македонија, но на словенски. Второ, предлогот на Нимиц нѐ потсети на една голема реалност што за мене е големиот трн, големата потешкотија во преговорите. Да објаснам. Едното прашање е името, односно како ќе се вика државата. Но, во исто време, постојат и други прашања, како ќе се нарекува нацијата, како ќе се нарекува јазикот и како ќе се нарекуваат трговските производи. Овие прашања се меѓусебно поврзани. Името веројатно ќе ги отклучи и другите теми, но имаме и други меѓусебно поврзани преговори. Ако сакате да направам една моја лична проценка, полесно би се постигнал договор за името, отколку како ќе се нарекуваат граѓаните на оваа држава. Затоа што, тука влегуваме во суштината на идентитетот.

Ги споменавме и протестите. Која е вашата оценка? Сметате ли дека закажаниот за 4 февруари во Атина, ќе биде помасовен од оној во Солун?

– Мојата проценка е дека ќе биде голем собир. И во минатото кога имаше големи протести во Солун, следеа исто толку големи, а можеби и поголеми протести во Атина. Секако треба да се земе предвид дека регионот Атика има поголем број жители во споредба со поширокиот регион на Солун. Овие протести имаат неколку заеднички карактеристики со оние во минатото. Како на пример, во 1992 беа поголеми од тоа што се очекуваше. Ни во 1992 ни сега не се организирани од државата, туку се од други невладини организации или сили. Како и во 1992, така и денес, сигурно влијаат на политиката и позицијата на одредени политичари и партии. Тоа се факти што не можат да се оспорат. Разликата меѓу собирите денес и оние од 1992 се дека во 1992 државата беше „за“ и ги помогна, сега јасно е дека не помага. Второ, медиумите ги поддржуваа и ги пренесуваа протестите, сега државните ТВ не го пренесоа протестот во живо. Се наоѓаме во различен период и за Грција и за Југоисточна Европа. Не знам колку голем ќе биде собирот, но мислам дека нема да има поразлична политичка важност или последица од оној во Солун.

Целото интервју на  Сања Ристевска за МИА тука

Слични содржини