Прогласено воспоставување нова држава Малорусија

од desk2

Сепаратистите во Доњецк, на истокот на Украина прогласија дека воспоставиле држава Малорусија, која, како што велат, ќе биде наследничка на Украина.


Лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република (DPR) Александар Захарченко, изјави денеска дека се подготвува нов устав за новата држава кој подоцна ќе биде ставен на гласање.

Захарченко предложи тригодишен транзиционен период кон основање нова независна држава Малорусија како решение на тригодишните судири на истокот на Украина, пренесува Спутник.

Оценувајќи дека во разговорите во DPR заклучено е дека „Украина се покажа како пропадната држава“, Захарченко ја повика меѓународната заедница да го поддржи неговиот предлог. „Треба да не поддржат жителите на регионот. Ова решение е можно ако меѓународната заедница ја поддржи идејата“, вели Захарченко.

Малорусија е прогласена како суверена држава и наследничка на Украина, со Доњецк како главен град, наведува Спутник.
„Ние, претставниците на поранешна Украина, го прогласуваме основањето на нова држава, Малорусија, која е држава наследничка на Украина“, соопшти министерот на ДПРАлександар Тимофеев.

Тој изјави дека новата држава ќе воси политика кон обновување на врските со Русија, продолжување на Сојузот со Русија, и дека официјални јазици ќе бидат руски и малоруски, а дека регионалните јазици ќе ги задржат своите права и статуси.
Тимофеев додава дека Малорусија ќе работи на обновување на активностите во рамки на Заедницата на независни држави и дека ќе покрене трилатерални преговори со Русија и со Европската унија.

Судирите во регионите на Доњецк и Луганск избија во 2014 година кога претседателот на Украина Виктор Јанукович беше симнат од власт. Жителите на тие региони гласаа на референдум за независност, а Киев почна воена операција против сепаратистите.

Во судирите настрадаа повеќе од 10.000 луѓе. Во февруари 2015 година, потпишан е нов договор кој подразбира прекин на огнот , повлекување на оружјето од фронтот и уставни реформи.

Меѓутоа, примирјето постојано се крши, со меѓусебни обвинувања на завојуваните страни.

Слични содржини