Протестен марш на иницијативата „За заедничка Македонија“

од desk2

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ по 38-ми пат одржа протестен марш, кој почна пред Владата, продолжи преку мостотот „Гоце Делчев“, пред Музејот на македонската борба за државност, Камениот мост, плоштад Македонија и заврши кај Порта Македонија.

Во тек на маршот поддржувачите на иницијативата, како што истакнаа, оддадоа почит пред Декларацијата за независност на Македонија во Музејот на Македонската борба за државност. Тој документ, потенцираа, е еден од темелите на македонскиот идентитет, а сакаат да го уништат со разни платформи.

– Овој документ ги обединува сите граѓани на Република Македонија, 38 ден сме на улица и се бориме да го зачуваме тој документ. Документот кој е еден од темелите на нашиот идентитет, документ кој го спојува минатото и сегашноста и документ кој е основа за нашата иднина, документ кој не признава никакви поделби, ниту по верска, ниту по национална основа, документ кој ги обединува сите граѓани на Република Македонија, рече  Богдан Илиевски, член на иницијативата „За заедничка Македонија“

Илиевски  ги повтори барањата на иницијативата сите политички субјекти да се откажат и да ја осудат т.н „тиранската платформа“. Не може да се избере претседател на Собранието кој нема да ја отфрли и да ја осуди тиранската платформа, рече Илиевски.

Пред учесниците на машот се обрати и новинарот Антонио Димитриевски, кој  ги повика граѓаните да се соберат повторно пред Порта Макеоднија, за, како што рече, да ја прослават конечната победа.

– Ве повикувам еден ден да се собереме овде за да ја прославиме конечната победа. Победата за една, единствена, унитарна, за заедничка Македонија во која сите заедно ќе живееме како сложни браќа, наведе Димитриевски, истакнувајќи дека за своите заложби се борат со ум, разум, сила, моќ, сплотеност и оти не повикуваат на оружје и насилство.

Пред учесниците на маршот театарскиот критичар и поет Борче Грозданов читаше поезија, а оперскиот пејач Кристијан Антовски ја изведе химната на Република Македонија./Алсат М

Слични содржини