Протестен марш во Москва по повод две годишнината од убиството на Борис Немцов

од desk2

Роднините на убиениот руски политичар и опозционер Борис Њемцов, како и неговите пријатели и приврзеници, организираат денеска протестен марш во Москва, во знак на одбележување на две годишнината од неговата смрт.

Немцов кој беше и потпретседател на руската влада, кога претседател на Русија беше Борис Елцин, на 27 февруари 2015 година, беше убиен од грб, додека се движел пешки, на пат за дома, заедно со својата девојка.

Убиството беше извршено наспроти ѕидините на Кремљ.

Руската полиција за убиството на Немцов уапси и обвини петмина Чеченци. Тие ги отфрлаат обвинувањата, но во октомври годинава, сите петмина ке бидат изведени пред суд.

Роднините на убиениот политичар тврдат дека најверојатно, никогаш нема да се разбере кои навистина стои зад убиството и кој е неговиот нарачател.

Пред да биде убиен, тој учествувал во разговор во програмата на радио станицата Ехо-Москва, каде повикал на протести против војната во Украина и ги подржувал санкциите што Запад и ги наметна на Русија.

Во руската јавност беше најавувано дека Немцов има подготвено досие за руската вмешаност во украинската војна и дека тоа е причина и за тогашната економска криза во Русија.

Неговите приврзаници веруваат дека тој е убиен за да се замолчат неговите остри критики кон внатрешната и надворешната политика на претседателот Владимир Путин.

Борис Немцов беше деклариран демократ и опозиционер. Во руската јавност тој сепак никогаш немал голема поддршка затоа што се обвинува за „погрешната транзиција и рекапитализација“ на руската економија, која предизвика длабока економска криза и осиромашување на луѓето, во годините од преминот на строго контролираната и планска економија, во економија на слободниот пазар.

Двегодишнината од неговото убиство, со протестни маршеви, ќе се одбележи и во Санкт Петерсбург и во Екатеринбург.

Слични содржини