Проѕирен маневар на власта пред доаѓањето на Хан

од Vladimir Zorba

Со вчерашниот маневар, ВМРО-ДПМНЕ си обезбеди гаранции дека до распуштањето на парламентот единственото нешто за коешто ќе се расправа во Собранието е буџетот за 2017 година, но не и законските измени за СЈО, информирa DW.

19266961_303

Утрешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан ќе расчисти голем дел од дилемите, а партиите ќе излезат на бришан простор по прашањето – ќе има ли избори на 11-ти декември? Ова и натаму е клучното прашање во Македонија, иако јавноста сѐ помалку добива јасни одговори дали партиите навистина сакаат да има избори или не. Ваквата конфузија кулминираше вчера, кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ ѝ фрли ракавица на опозицијата: „Го повикуваме СДСМ уште денес да достави барање до Собранието за негово распуштање“.
Опозицијата побара распуштање на парламентот, а ВМРО- ДПМНЕ се согласи со тоа, но под услов претходно да се изгласа буџетот за 2017 година. На крајот, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, точката за распуштање на парламентот ја стави на дневен ред на седницата на 17-ти октомври, веднаш по точката за усвојување на буџетот. Вељаноски е уверен дека на тој начин пратениците ќе остварат две суштински цели: да обезбедат непречено функционирање на системот со носење на најважниот акт – буџетот, и да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието. Според него, законските рокови дозволуваат тој чин да се направи на 17-ти октомври, за да може да се одржат изборите на договорениот датум, 11-ти декември.

Пи-ар ефект

Партиите уште пред неколку недели се согласија дека заради незавршени обврски во парламентот, не ќе биде можно тој да се распушти 60 дена пред изборите, односно на 12-ти октомври, па како краен рок го третираа 27-ми октомври, или 45 дена пред изборите, според можноста од скратени рокови кога се во прашање предвремени избори. Од тој аспект, не е јасно кому и зошто му беше потребен вчерашниот маневар?
„Мислам дека вчерашното препукување околу тоа кој прв да иницира распуштање на Собранието има повеќе пи-ар, отколку реален ефект“, вели политологот Ненад Марковиќ.
„Да сакаат пратениците од обете страни, ќе го сторат без особено проблематизирање. Иако постојат уставно предвидени рокови, не сметам дека е проблем да се најде доволно креативно толкување, со цел да се ‘адаптираат’ правилата на одредена политичка реалност. Тоа кај нас е редовна практика, па нема особено да бидам изненаден ако историјата уште еднаш се повтори. Но, од она што вчера го видовме како размена на ‘прозивки’, имам впечаток дека на ниту една од страните не им се излегува на избори. Тоа е веројатно поради фактот што најголемите македонски партии немаат што особено да добијат. ВМРО-ДПМНЕ од една страна веројатно по изборите ќе се збогува со комотното мнозинство, а СДСМ има малку време да ја надомести разликата во рејтингот, која не е веќе така голема, но сепак постои. Од таа причина и двете партии всушност и немаат некоја особена мотивација да излезат на избори, иако ‘мачоистичкиот’ јазик кој го употребуваат навидум дава впечаток дека се заинтересирани и подготвени“, оценува Марковиќ.

„Сметката“ по изборите

Во политичките кулоари вчера доминираше оценката дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го стесни просторот за евентуален притисок од еврокомесарот Јоханес Хан кој утре доаѓа во Скопје, во однос на едно, непосакувано прашање за нив: законските измени што ги бара СЈО.
Практично, со вчерашниот маневар, владејачката партија си обезбеди гаранции дека до распуштањето на парламентот единственото нешто за кое што ќе се расправа во Собранието – е буџетот за 2017 година. СДСМ, пак, со цел да гарантира дека сака избори на 11-ти декември, бланко го прифаќа ваквото сценарио на власта. Од опозицијата објаснуваат дека законските измени што ги бара СЈО сега тешко ќе поминат во парламентот, со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ одбива да ги поддржи, па нема потреба од пролонирање на датумот за распуштање на Собранието. Тие законски измени очекуваат да ги изгласа новото парламентарно мнозинство, во кое со сигурност се гледаат себеси.
Според Марковиќ, и да има избори, пржинскиот процес нема да заврши сѐ додека законските измени за СЈО и состојбите во судството не бидат соодветно решени.
„Јасно е дека пржинскиот процес е далеку од готов и дека ова трошење на времето на СЈО како политичка тактика веројатно ќе мора некако да се ‘плати’ по изборите, независно од исходот. Секако ќе мора да се адресира и прашањето на судството, кое по кој знае кој пат се покажа како комплетно некомпетентно и политички зависно. Меѓународната заедница со сигурност ќе се погрижи ова да биде така. А тоа значи и одредени законски измени и дополнувања (Закон за заштита на сведоци на пример). Се додека овие прашања не се адресираат во соодветна законска рамка, сметам дека процесот нема да заврши. Изборите се само нешто кое ќе се случи (но можеби не во декември) во меѓувреме.“

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини