Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд, денеска во Американската амбасада се сретна со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мандух Тачи.

VictoriaNuland

Ахмети по средбата со Нуланд не даде изјава за медиумите.  Во партиското соопштение од ДУИ стои дека Ахмети ја уверил Нуланд дека ДУИ е најконструктивна за изнаоѓање на решение како и изрази оптимизам за брзо постигнување на компромис од двете страни во наредните денови.

-Овој компромис треба да резултира со сеопфатни, веродостојни и демократски
избори што е можно поскоро. Ахмети ја информирал Нуланд околу предлозите на
ДУИ за чистење на Избирачкиот список и медиумите како и потребата за двете
страни да се договорат дека се исполнети условите за избори, а потоа да се одреди
датум за предвремени избори, се вели во соопштението на ДУИ

Тачи, пак, ја пренесе, како што наведе, пораката од помошниокот-државен секретар на САД дека сега е моментумот да се направи се за да се прекине политичката криза и да биде постигнат договор за одржување избори.

Според Тачи, на средбата повеќе било разговарано за стратешките определби за излез на земјата од кризата отколку за конкретни насоки. Тачи посочи дека очекува политичките лидери денеска да добијат многу поостри пораки за решавање на кризата.

– Зборувавме за тоа дека е крајно време Македонија да ја надмине кризата, но и за стратешките определби на државата – рече Тачи по средбата со Нуланд.

На новинарско прашање дали по посетата на Нуланд може да се очекува лидерска средба, Тачи рече дека „не е баба Ванѓа“, но дека логично е да се очекува такво нешто.

По средбата со Тачи, Нуланд замина во седиштето на СДСМ на средба со Зоран Заев, а потоа таа треба да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во седиштето на владејачката партија.

Претходно, Викторија Нуланд во Амбасадата на Скопје имала средби и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со преставници на граѓански организации.

По серијата средби во Скопје, Нуланд треба да одржи прес-конференција во Американската амбасада на која се очекува информира за разговорите со партиските лидери и за нејзините очекувања за надминување на политичката криза во Македонија./MИА

Слични содржини