Околу 150 имигранти синоќа влегоа од Словенија во Австрија, што претставува прво регистрирано минување на бегалци од Блискиот Исток на границата меѓу двете земји.

мигранти

Како што јавија австриските медиуми, бегалците веднаш биле префрлени во јужниот австриски град Шпилфелд, од каде се очекува да бидат пренесени во прифатните бегалски центри во Грац или Фелдкирхен.

Австриската полиција информира дека бегалците ја минале границата на неколку премини, додавајќи дека во текот на денов очекува пристигнување и на нови групи имигранти.

Словенечките власти формирале центар за прием и регистрација на бегалците во местото Горња Радгона, во близина на границата со Австрија, од каде се очекува имигрантите потоа да преминуваат на австриска територија.

Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер вчера изјави дека е зачудена како ниту еден од илегалните имигранти што минаа низ Хрватска и Словенија не побарале азил во овие земји, додавајќи дека Даблинските правила за азил на ЕУ важат и за нив, па затоа Австрија ќе иницира враќање на бегалците што ќе влезат на нејзина територија во овие две држави.

Во меѓу време, австриската полиција соопшти дека до синоќа околу 6.700 бегалци влегле во Австрија и од унгарска територија.

Австриските медиуми јавуваат дека имигрантите кои по неколкудневни префрлувања од една во друга земја од регионот стигнале во Австрија од Унгарија, не ја криеле својата радост, што конечно влегле во една западноевропска земја./МИА

Слични содржини