Повеќе од 40 студенти синоќа ја поминаа првата вечер во окупираната зграда на Архитектонскиот факултет. За денеска е најавено дека во окупацијата ќе им се придружат и нивните колеги од Градежниот факултет.

Поголем дел од нив се уште спиеја утринава кога ги посети екипата на Радио МОФ, другите пак рано си ги започнаа задачите.

Еден од студентите кои ја поминаа ноќта во новосоздадената четврта студентска автономна зона, за Радио МОФ изјави дека вечерта ја поминале без проблеми. Поделени во две простории, студентите ги одржале сите предвидени активности. Парно имало цело време, а во просториите за спиење студентите поставиле и стиропор.

„Имаше голем интерес, се одвиваа голем број друштвени игри, имавме доволно донаци, професорите постојано прашуваа што ни недостига и ни го носеа тоа што ни недостигаше“, вели студент на Архитектонскиот факултет.

 

Како што информираат студентите, иако синоќа немало професори кои преноќиле со нив, тие сепак останале до доцна во ноќта, давајќи им целосна поддршка за окупацијата.

Студентите на Градежен факултет, кој е сместен во истата зграда со Архитектонскиот, вчера одржаа Локален пленум каде е одлучено да прогласат автономна зона. Утрово дел од студентите од овој факултет ја бојкотираа наставата, а за денеска напладне е најавено дека ќе им се придружат на своите колеги-архитекти. Студентите планираат двата факултети да се соединат во спроведувањето на активностите и да создадат една автономна зона со оглед на тоа дека се наоѓаат во иста зграда.

Студентите од четирите автономни зони, од Архитектонскиот факултет, од Машински/ФЕИТ, од Филозофски/Филолошкиот факултет, како и од Техничкиот факултет во Битола, велат дека остануваат во автономните зони додека не бидат исполнети нивните барање, повлекување на изгласаниот закон за високо образование и државниот испит, како и нивна вклученост во донесувањето на новиот закон./Радио МОФ

 

Слични содржини