На денешен ден 13 февруари писател

1571.- Во Фиренца умре Бенвенуто Челини, италијански вајар и златар. Својот бурен живот го опишува во автобиографијата која е значајна за културната историја на ренесансата. Главни дела: „Персеј со глава на медуза“, „Козимо Медичи“, „Трактат за златарството“, „Трактат за вајарството“ и други дела. Роден е во Фиренца, на 3 септември 1500 година.

1633.- Римокатоличката инквизиција во Рим го уапси италијанскиот астроном Галилео Галилеј затоа што ја докажа предноста на Коперниковиот хелиоцентричен систем над птоломејскиот геоцентричен систем. Судот на инквизицијата, со закана за смрт, го принуди тоа учење да го прогласи за заблуда.

1668.- Шпанија и формално ја призна независноста на Португалија. Меѓу 1580 и 1640 година Поругалија беше под власта на шпанската круна.

1754.- Роден е францускиот свештеник и дипломат Шарл Морис де Таљеран Перигор, вешт и бескрупулозен политичар.

1768.- Роден е рускиот писател Иван Андреевич Крилов. Во басните го следеше грчкиот писател Езоп, но инсистираше и на рускиот фолклор. Покрај басни, пишуваше и сатирични „писма“ и комедии. Со своите дела значително влијаеше на европската култура. Дела: збирки басни, комедии „Модна трговија“, „Литерат во ходник“, комичните опери „Хистерично семејство“, „Кафеана“.

1787.- Во Милано умре Руѓер Бошковиќ, физичар, математичар, астроном, филозоф и дипломат. Се школуваше во Дубровник, а потоа во римскиот језуитски колегиум. Од 1736 година се нижат неговите дисертации од математика, геофизика, механика, оптика, астрономија и геодезија. Многу патуваше и се занимаваше со дипломатска професија. Напиша многу научни филозофски расправии, дела, стихови и песни. Роден е во Дубровник, на 18 мај 1711 година.

1794.- Велика Британија, Прусија, Австрија, Холандија, Шпанија и Сардинското Кралство склучија сојуз против револуционерна Франција.

1873.- Во Казан, на Волга, е роден Фјодор Иванович Шалјапин, руски оперски пејач, еден од најголемите оперски уметници на сите времиња. Неговиот глас бас-баритон беше извонреден по дијапазон, пластичност и изразност. Останаа ненадминати неговите улоги на Борис Годунов, Мамфисто, Иван Грозни и Дон Кихот. Умре во Париз, на 12 април 1938 година.

1883.- Во Венеција умре Рихард Вагнер, германски композитор, реформатор на операта и централна личност во нејзиниот развој во втората половина на 19. век. Негови најпознати дела се “Тристан и Изолда”, “Лоенгрин”, “Холанѓанецот скитник”, “Танхојзер”. Роден е во Лајпциг, на 22 мај 1813 година.

1895.- Браќата Огит и Луј Лимиер, француски хемичари и индустијалци и конструктури на првата филмска камера, патентираа апарат за “примена на хронофотографски отпечатоци”, наречен синематограф.

1903.- Роден е Жорж Сименон, француско-белгиски писател и новинар. Се прослави со голем број криминалистички романи во кои главната личност е инспекторот Мегре. Автор е на повеќе од 500 книги. Меѓу најпознатите дела се „Смртта на господарот Галет“, „Куќа на каналот“, „Црнечкиот кварт“, „Госпоѓицата од Конкарно“, „Странци во куќата“, „Браќата Рико“ и други. Умре во 1989 година.

1945.- Советската Црвена армија во Втората светска војна, по 50 дена опсада, ја ослободи Будимпешта, при што беа убиени 50.000 германски војници.

1945.- Американски и британски авиони во Втората светска војна 14 часа го бомбардираа германскиот град Дрезден, воено безначајна цел, усмртувајќи повеќе од 35.000 луѓе, главно цивили.

1947.- Во Скопје е основано Друштвото на писателите на Македонија. Основачи беа Блаже Конески (прв претседател), Димитар Митрев, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Владо Малески, Ристо Крле, Васил Иљоски и Иван Точко.

1958.- Умре францускиот сликар Жорж Андри Руо, експресионист. Главни теми во неговите слики се арлекини, човечки маски и религиозни мотиви, а со задоволство сликаше и на стакло.

1961.- Советот за безбедност на Обединетите нации реши во Конго да се упатат мировните сили на Светската организација за да се спречи избувнување на граѓанската војна во таа африканска земја.

1974.- Рускиот писател Александар Солжењицин, добитник на Нобеловата награда за литература, на кого му беше одземено советското државјанство, е протеран од земјата.

1974.- Во Белград умре Петар Лубарда, еден од најголемите црногорски сликари. Работеше слики, пастели и фрески инспирирани од пејзажите на Црна Гора, Париз и Дубровник. Роден е во Њуботин, Црна Гора, на 27 јули 1907 година.

1975.- Кипарските Турци во северниот дел на островот, кој седум месеци претходно го окупира Турција, прогласија „федерална држава“, дополнително влошувајќи ја напнатата ситуација на овој медитерански остров. Формирано е „Турското уставотворно собрание“, на кое за прв „претседател“ беше избран водачот на кипарските Турци Рауф Денкташ.

1976.- Умре американската оперска пејачка од француско потеко Лили Понс, еден од најголемите колоритни сопрани на 20. век. Настапувала на сцените ширум светот, со посебен успех во њујоршката Митрополитен опера, а сними и повеќе филмувани опери.

1979.- Во Лос Анџелес умре Жан Реноар, француски филмски режисер, великан на францускиот и светскиот филм. Ги напиша книгите “Реноар, татко ми” и “Мојот живот и моите филмови”. Режисер е на филмовите “Нана”, “Кучка”, “Мадам Бовари”, “Голема илузија”, “Марселеза”. Роден е во Париз, на 15 септември 1894 година.

1983.- Во италијанскиот град Торино во пожар во кино загинаа 64 луѓе.

1984.- Шеф на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз и на државата стана Константин Черњенко, наследувајќи го починатиот Јуриј Андропов. На власт беше помалку од една година, а по смртта на власт дојде Михаил Горбачов, седми и последен лидер на советската држава.

1990.- Советскиот Сојуз, Велика Британија, Франција, САД и двете германски држави го објавија планот за обединување на Германија.

1991.- Американски бомбардери го разорија прибежитето во Багдад, идентификувано како воена цел, во кое цивилите побараа спас од воздушните напади. Според ирачки извори, загинаа околу 500 луѓе, меѓу кои многу деца и жени.

1996.- Во Скопје умре Зија Бериша, актер на Албанската драма при Театарот на народностите во Скопје.

2002.- Шкотскиот парламент го забрани ловот на лисици, со што Шкотска стана дел од Обединетото Кралство кое го забрани овој традицонален омилен „спорт“ на британската аристократија.

2004.- Поранешниот претседател на Чеченија Зелимкан Јандараев умре од повреда здобиена во експлозија на неговиот автомобил во катарската престолнина Доха, каде живееше во бегство повеќе од три години.

2007.- Постигнат е договор за нуклеарно разоружување на Северна Кореја. Шестте држави (Јужна Кореја, Кина, Русија, САД, Јапонија и Северна Кореја) во Пекинг постигнаа договор за окончување на севернокорејската нуклеарна програма бидејќи Пјонгјанг се согласи да ги затвори своите клучни нуклеарни постројки во рок од два месеца, во замена за конкретна помош, најмногу во енергетика.

2009.- Патничкиот авион на компанијата „Колган Ер“ кој сообраќаше на линијата Њу Џерси – Бафало, во кој се наоѓаа 44 патници и четворица членови на екипажот се урна врз куќа во предградие на Бафало, во американската држава Њујорк. Нема преживеани меѓу 48-те лица во авионот, а еден човек загина на земјата. Авионот „Бомбардиер Даш 8 Q400“, што полета од Њујорк, во Њу Џерси, се урна на 8 километри од меѓународниот аеродром Бафало Нијагара. Авионот по ударот беше зафатен од голем пламен и облаци од чад. Дванаесет куќи кои се наоѓаат во близина на несреќата беа веднаш евакуирани поради опасност од истекување и експлозија на керозинот од урнатиот „Бомбардиер“.

2012.- Обединетите нации и го врачија на добитичката на Нобеловата награда за мир од Мјанмар Аун Сан Су Чи, десет години старото признание кое не и беше доделено тогаш, бидејќи беше во домашен притвор. Наградата „Манданџит Синг“ за промоција на толеранција и ненасилство, на Чи и е доделено во 2002 година, но не и врачено, бидејќи тогашната власт ја стави во домашен притвор. Чи во 1991 година доби Нобелова награда за мир. Наградата „Манданџит Синг“ го доби името по истакнатиот индиски филантроп кој од 2000 година е амбасадор на добра волја на ОН.

Избор МИА

Слични содржини