Собранието на Република Македонија во рамки на 113. седница ги изгласа измените и дополнувања на Законот за внатрешни работи, на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Законот за кривична постапка, на Изборниот законик и на Законот за Влада, сите по скратена постапка. 22092015133656_Собрание на РМ

Овие законски измени беа договорени од страна на претставниците на политичките партии потписници на Договорот од Пржино во насока на подготовка на одржување предвремени парламентарни избори и излез од политичката криза.

Предлагачи на законите беа координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ Илија Димовски и Горан Сугарески, заменик -координаторот на пратеничката група на ДПА Беким Фазлиу и пратеникот Артан Груби од ДУИ.

Во расправата дел од пратениците обвинија дека некои од предложените законски решенија се противуставни, оти партиите потписници на договорот не почитувале ниту еден принцип и ги урнисале институциите.

Независната пратеничка Солза Грчева обвини дека во пржинскиот процес нема вградени механизми кои ќе ветат поинаков тип на владеење по промената на која било власт, ниту гарантира поинаква демократска Македонија. – Ова е огромен пораз на целата искрена автентична демократска јавност, смета Грчева која рече дека нивните надежи биле врзани со СДСМ и одговорноста ќе лежи на таа партија.

– Не станува збор за одржливи демократски решенија туку за една гола борба на една мала врхушка за власт дури и за сопствен опстанок. Затоа денес во законите имаме 2016 година, а не 2017. Беше дури дрска лага кажана после Пржино 2 дека немаме датум, рече Грчева.  Пржино, рече таа обраќајќи се кон партиите потписници на договорот, стана ваш пазар.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери рече дека опозицијата барала да се урне уставниот систем и поредок и да се дерогира Уставот на 15 септември минатата година со формирањето на Специјалното јавно обвинителство.

– Ние тоа свесно го дадовме, да се урне Уставот и после гласањата на оваа седница ќе нема право ниту една институција и никој во оваа држава да се повика на Устав и уставен поредок, затоа што тој е срушен и згазен, рече Џафери. Ова е резултатот, кажа тој, на шарените, на обоените, на барањата и на давањето.

Според Роза Топузовска Каревска последниот договор меѓу партиите ја уништи надежта кај граѓаните дека нешто ќе се промени во земјата. Зборувајќи за медиумите, ја праша опозицијата дали во одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се реформите за кои се зборуваше три години. Кажа дека претставниците на ад хок телото предвидено со измените ќе земаат 80.000 денари плата и оти секој од членовите ќе го гледа интересот на партијата од која ќе биде предложен.

Пратеничката од СДСМ Рената Дескоска Треневска рече дека никој нема илузија дека договорот од Пржино е идеален и оти овој договор го отвора патот за избори на коишто оваа власт треба да биде сменета и за спроведување реформи.

– Кога зборувате за уставно спорни амандмани или закони кои ќе се носат, ќе дојдеме до законот кој ќе се носи на инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ, а претставниците од ДУИ го прогласија за сопствен триумф, одредбата за која што се предвидува министерот за внатрешни работи да го изгуби мандатот на неуставен начин. Дали е срушен Уставот? Уставот е срушен со незаконското прислушување на огромен број граѓани во Република Македонија, со неказнетиот досега криминал и корупција во редовите на владејачките партии, со партизираното судство, со неуставните одлуки за распуштање на Собранието, со претворање на Уставниот суд во марионета…, рече пратеничката.

Во процедурална реплика координаторот на пратеничката група на ДУИ Џафери и одговори на Дескоска дека барањето за рушење на Уставот било нивно бидејќи СДСМ тоа го договорило уште во септември лани.

– Тоа ви беше услов да се вратите во Собранието. Побаравте да се формира Специјално јавно обвинителство. Парламентарното собрание тоа ви го овозможи како политички договор со надеж дека ја свативте потребата да излезете на избори. Ова Собранието противуставно на два пати ви го овозможи за да може да дојдете на избори. Еднаш на 24 април, втор пат на 5 јуни. Овој поредок овде е срушен многу одамна, а срушен е затоа што сите граѓани треба да се рамноправни и треба да ги третирате исто без оглед на разликите, рече Џафери.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече тие како партија биле натерани да се борат за максимум за, како што кажа, една партија да не ја доведе земјата до поголеми проблеми.

– Изливите и коментарите на една политичка партија се знаци на слабост и знаци дека пропаднале сите бродови. Да следите дебата дали пет души се пријавиле за фантоми или не, да терате приказна за 500.000 фантоми, за 200.000 фамтоми и десет години да си го лажете сопственото членство дека заради тоа се изгубиле изборите, а на крај да се сведе дека фантом се петмина…Е во тоа е трагедијата на целата постапка. На што сме ние натерани – да трпиме се си сешто, да бараме и да се бориме за максимум кој што е конструктивен и донекаде се контролира штетата што и се прави на Македонија за една политичка партија да не ја доведе земјата до поголеми проблеми. Ние две години си имаме проблем со класични пучисти. Ова што го правиме е максимум за да ги заштитиме и институциите и граѓаните, рече, меѓудругото, Димовски.

На собраниската седница беа донесени измените и дополнувањата на Законот за нотаријат и Законот за извршување, по скратена постапка. Се предвидува одложување на нивната примена и наместо да започне да се применува по четири месеци од денот на неговото влегување во сила, тој да започне да се применува од 1 јануари 2017 година.

Слични содржини