Пуџдемон ја потпиша декларацијата за независност на Каталонија

од Vladimir Zorba

 

  Претседателот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон доцна вечерва ја потпиша декларацијата за прогласување независност на Каталонија, но го одложи нејзиното стапување во сила, согласно најавата дадена во денешното обраќање пред Парламентот во Барселона.

Покрај Пуџдемон, под декларацијата се потпишаа и неговиот заменик Ориол Жункерас, претседателката на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел и 72 пратеници од владејачкото мнозинство во Каталонија.

– Ја создаваме Република Каталонија како независна, суверена, правна, демократска и социјална држава, се наведува во текстот на декларацијата.

По церемонијата на поптишување на документот, претставник на каталонската Влада изјави дека Пуџдемон го одлага стапувањето во сила на декларацијата, за да остави простор за дијалог со Мадрид.

Според најавите, Пуџдемон ќе ја достави декларацијата на усвојување во каталонскиот Парламнет, доколку Мадрид го одбие дијалогот, како што најавуваше досега или ако евенталните преговори не резултираат со договор за надминување на кризата.

Пуџдемон вечерва пред регионалниот Парламент во Барселона изјави дека Каталонија ги почитува резултатите од референдумот одржан на 1 октомври, но предложи „суспендирање на прогласувањето независност, за во пракса да се работи на спроведување на резултатите од референдумот“ и ги поздрави повиците за дијалог со Мадрид.

– Денеска правиме гест на одговорност, заради продолжување на дијалогот, истакна Пуџдемон во обраќањето пред каталонскиот Парламент.

Во првата реакција на одлуката на Пуџдемон, шпанската Влада соопшти дека го отфрла „молчеливото“ прогласување на каталонската независност.

Во владиното соопштение се наведува дека е „неприфатливо да се објави таква тивка независност, а потоа да се суспендира на таков експлицитен начин“.

Шпанската вицепремиерка Сораја Саенз де Сантамарија порача дека Пуџдемон треба да се врати на патот на законот ако сака дијалог, додавајќи дека тој нема право да „наметнува посредување со Владата“ на Шпанија.

– Ниту господинот Пуџдемон, ниту кој било друг може да наметнува посредување. Каков било дијалог меѓу демократи мора да се одвива во рамки на законот, порача Саенз де Сабтамарија, најавувајќи дека шпанската Влада ќе одржи седница утре претпладне за да донесе одлука во врска со предлозите на Барселона.

Лидерката на каталонската опозиција и на партијата Граѓаните (Цс), Инес Аримадас, пак, оцени дека постапката на Пуџдемон ги поделила граѓаните во Каталонија. – Граѓаните на Каталонија се поделени благодарение на вас, му се обрати Аримадас на Пуџдемон.

Според неа, „повеќето Каталонци се чувствуваат како граѓани на Каталонија, на Шпанија и на Европа“ истовремено.

Од друга страна, екстремно левичарската партија Кандидатура за народно единство (ЦУП), која е клучен сојузник на Пуџдемон, изрази жалење поради „пропуштената шанса“ за експлицитно прогласување независност на Каталонија.

– Веруваме дека денеска беше денот кога требаше свечено да се прогласи Република Каталонија и веројатно ја пропуштивме таа шанса, изјави пратеничката на ЦУП во каталонскиот Парламент, Ана Габриел.

Слични содржини