Радев: ЕУ и НАТО се стратешки избор на Бугарија, кој не треба да се проблематизира

од Vladimir Zorba

Членството во Европската Унија и во НАТО е стратешки избор на Бугарија кој не треба да се доведува во прашање, рече денеска новиот претседател на земјата Румен Радев, во својот говор по положувањето на заклетвата во бугарскиот парламент.

„Ефективното членство значи јасно разбирање и постајно бранење на националните интереси во двете семејства кои се вклучени во создавањето на заедничките вредности. Бугарската надворешна политика треба да се формулира внатре во земјата и на неа да се опстојува надвор, а не обратно, таа треба да биде отворена кон светот и да создава нови пријатели и партнери, а не непријатели“, рече Радев, пренесува „БТА“.

Новиот бугарски претседател рече дека сè повеќе расте антиевропското расположение, но нагласи дека „обединета Европа треба да биде зачувана по секоја цена“ и дека спротивното би значело „изгубено време“.

Радев ја коментираше и кризата во релациите меѓу ЕУ, НАТО и Русија, истакнувајќи дека „Студената војна е тажно искуство од минатото“ и дека „меѓусебните конфронтации не се начин за решавање на кризата“.

Според него новата политичка ситуација во светот дава можност за решавање на проблемот со дијалог, а резултатите од изборите во САД се надеж за воспоставување на дијалог со Русија./цитира Мета

Слични содржини