Рама води на изборите во Албанијa, гласањето мина со пукање, купување гласови и со слаб одѕив

од Vladimir Zorba

Владејачката Социјалистичка партија, која ја предводи Еди Рама е победник на денешните парламентарни избори во Албанија, покажуваат анкетите од излезноста, според кои оваа партија ќе освои меѓу 45 и 49 отсто од гласовите.
Опозициската Демократска партија ќе има до 34 отсто освоени гласови, покажуваат анкетите.

Како што пренесува Ројтерс, се проценува дека Социјалистичката партија би можела да освои повеќе од 71 од 140 места во парламентот.

Во Албанија се одржаа деветтите парламентарни избори од падот на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа во 1991 година и први од полноправното членство во НАТО и добивањето кандидатски статус за влез во ЕУ.

Изборната комисија го продолжи рокот за гласање за еден час, односно до 20 часот, поради слабиот одѕив.
Албанскиот премиер Еди Рама објави повеќе пораки на „Твитер“ и на „Фејсбук“ во кои ги повикува луѓето да излезат на гласање.

„Гласајте, гласајте, гласајте“, напиша на социјалните медиуми откако албанските изборни власти соопштија дека излезноста во 16 часот изнесувала само 35,78 отсто.

Изборниот ден денеска мина со серија проблеми, од пукање од огнено оружје на избирачко место, поткуп на гласачи, фотографирање гласачко ливче, до повлекување членови на избирачки одбори.

Опозициската Демократска партија на Љуљзим Баша соопшти дека ги повлекла своите членови од 30 избирачки места во Лушња и Дивјак, бидејќи на избирачките места има присуство на лица кои вршат притисок врз гласачите.

Владејачката Социјалистичка партија соопшти дека „опозицијата се обидува да го блокира изборниот процес“ и најави дека кривично ќе ги гони „членовите на избирачките одбори кои се повлекле“./извор Мета

Слични содржини