Рашковски: Владата ќе направи се Суперкупот да се одржи во Скопје, и покрај сите сопки

од desk3

Владата ќе направи се што е неопходно за навреме да ги отстрани сите евидентирани забелешки од УЕФА и финалето на Европскиот суперкуп во фудбал да се одржи во Скопје, како што и е планирано, најави генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

– Владата сака да ја промовира Република Македонија во најдобро светло и затоа и покрај сите сопки што се прават внатрешно од некои структури Суперкупот, сепак, ќе се одржи во Скопје. Сме ја имале привилегијата да го добиеме организацискиот дел на Суперкупот и она што како информација и забелешка е давано до ФФМ и ПУИГ, односно Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор навреме ќе го отстраниме. Мораме до 21 јули да ги завшиме, бидејќи на 23 јули доаѓа финалната контрола која ќе одлучи дали Суперкупот ќе се одржи во Скопје или не, рече Рашковски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека забелешките што ги има УЕФА за состојбата на Арената „Филип Втори“ во Скопје се нотирани во сите извештаи од септември 2015 година наваму и додаде дека последниот извештај пратен до ФФМ на 15 јуни годинава, Федерацијата го чувала седум дена по што го пратила до Владата. Сите работи, потенцира, можеле да се направат на време, а во последните шест месеци поради неразбирливи причини воопшто не се работело ништо.

– Владата го доби извештајот на 22 јуни и веднаш донесе заклучок со кој го задолжи Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни активности за да се исполната сите услови за Суперкупот да се одржи во Македонија. Се прашуваме што правела ФФМ седум дена и зошто навреме не го пратила извештајот и дали има искрени намери Суперкупот да се одржи во Скопје или ги прави работите да изгледаат покомплицирани за после тоа да се докажуваме чија била вината, рече Рашковски и додаде дека загубата ќе биде на цела Република Македонија, на хотелиерите, угостителските објекти, репутацијата на земјата, а не само на Владата.

Нагласи дека ФФМ веќе има добиено гратис карти од УЕФА за Суперкупот во Скопје и праша што мисли Федерацијата да прави со нив и каде и на кого ќе ги додели.

Прецизира  дека од страна на ПУИГ е побарана алокација на 120 милиони денари за да може да бидат завршени сите работи.

– Во консултатија со фирмите кои работат на терен од нас побараа 18 милиони денари, пред се за набавка на опрема, за да бидат  завршени работите навреме… ПУИГ има на сметка 64 милиони денари и покрајнив бара нови 120 милиони иако имаат можност средствата да ги пренаменат за исполнување на обврските, потенцира Рашковски.

Посочи дека има засега непроверени информации дека ПУИГ склучил договор со фирмата Атриум од Вевчани, чиј сопственик е братот на пратеникот Крсто Мукоски, за варосување на помошните простории на стадионот и просториите што водат до вип влезовите по цена од 10 евра за метар квадратен.

Како главни забелешки на УЕФА за состојбата на стадионот се немањето клима уреди, простор за стационирање на репортажни возила, инфраструктура за интернет мрежа и пристап до интернет согласно капацитетот на стадионот, планови за евакуација, небојадисаните оградите, неваросаните површините на стадионот, немањето соодветно напојување во случај да снема електрична енергија,…

Слични содржини