Расколот во Беса се продлабочува

од desk4

Нов лидер на БЕСА до Конгресот на 21 февруари ќе биде пратеникот Неџбедин Каремани. Тетовското крило му сврте грб на разрешениот лидер Билал Касами, по обвинувањата на скопскиот огранок на партијата дека тој насилно влегол во седиштето во Мавровка придружуван од вооружени лица, на што била повикана и полицијата, информира ТВ24.

„Д-р Каремани ја ужива поддршката од сите структури на Движењето БЕСА и пошироко. Затоа, би сакале да му се заблагодариме на Централниот совет за внатрешна организација за изборот на д-р Каремани за оваа задача. Тој е фигура која ги обединува, како и истакната личност, за која сме убедени дека со мудроста и позитивниот пристап успешно ќе управува со Движењето БЕСА на својот конгрес“ – изјавија од тетовското крило на БЕСА.

Билал Касами, кој за дел од членството е се уште претседател на движењето, дури по два дена успеа да влезе во партиското седиште во Скопје при што едно лице од обезбедувањето, според обвинувањата на скопското крило, било нападнато од вооружени лица, кои ја искршиле бравата и насилно влегле во просториите. Но, пријава во полицијата поднесе и Касами.

По пријавата на Билал Касами дека не му е дозволено да влезе во седиштето на БЕСА во Мавровска, просториите денеска се под засилено полициско и приватно обезбедување. Касами со најблиските соработници успеа да влезе во седиштето по вчерашната неколку часовна драма којашто се случувала токму на ова место.

Меѓутоа прашината по расколот во БЕСА не легна ниту откако Касами успеа да влезе во седиштето. Неговите поддржувачи во партијата најавија кривични пријави против, како што велат непознатите лица кои го узурпирале седиштето.

„Внатре во седиштето имаше неовластени лица. Откако полициските екипи заврпија со увидот и другите процедури, ќе има кривични пријави за сите инволвирани во узурпирањето на седиштето на Беса во Скопје.“ – изјави Абдуш Демири од БЕСА.

Во целиот случај била инволвирана и полицијата, но оттаму за сега не откриваат детали.

„Денеска во ПС Бит Пазар е пријавено дека непознат сторител насилно влегол во просториите на политичката партија Беса во ТЦ Мавровка. Полициски службеници излегоа на лице место да извршат увид, а со претставници на БЕСА и на агенцијата за обезбедување што го обезбедува објектот беше извршен разговор“ – велат од МВР.

Инаку, БЕСА е во длабок раскол по двата паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово. На првиот од лидерската позиција беше сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување конгрес три дена подоцна до кој со партијата и натаму ќе раководи Касами.

Слични содржини