Средношколците од денеска повторно ја бојкотираат наставата во средните училишта. Од „Средношколски пленум“ велат дека бојкотот ќе продолжи сè додека Министерството за образование е глуво на нивните барања и сè додека одбиваат да се сретнат со нив.

timthumb-1

„Бојкотот, како радикална мерка, е избран поради тоа што двата марша кои беа организирани беа игнорирани од институциите. Нашите барања се да се врати стариот концепт на матура кој опфаќа личен избор на предмети за полагање, а не наметнување на предметот математика, укинување на електронското полагање кое го „побива“ концептот на полагање на сите матуранти во исто време во цела Македонија, како и ставање на законот за екстерното тестирање во мирување, кое ја тестира само меморијата на учениците, а не вистинкото знаење што тие го стекнале во текот на целата година. Бојкотот ќе се одвива сè додека не добиеме датум за средба со министерот за образование и наука, а доколку се оствари средба, бојкотот ќе биде ставен во мирување, со што неговото продолжување целосно ќе зависи од исходот од средбата“, велат од „Средношколски пленум“.

Во Источна Македонија, бојкот речиси и да нема. Средношколците оттаму велат дека најголемите притисоци им доаѓаат од родителите, кои, пак, се партиски притиснати.

– Во нашата гимназија „Славчо Стојменски“ и во ниедно друго средно училиште во Штип нема бојкот на наставата бидејќи нема одзив кај учениците. Тоа е поради притисоците што ги имаме од некои од наставниците, но најмногу од родителите кои се против бојкотот поради паричните казни што можат да ги добијат, но и поради паритските влијанија што им се прават. Од директорите и од наставничкиот совет имаме поддршка за нашите барања, сè додека не се губат часови – вели средношколецот Мануел Стојменов.

Средношколци од Битола, членови на „Средношколски пленум“, од денеска првпат почнаа со бојкот на наставата. Први на бојкот излегоа учениците од прва и од трета година во Техничкото училиште во Битола. Христина, член на „Средношколски пленум“, вели дека само еден клас е на настава, а во училишниот хол веќе се подговуваат за алтернативни активности и предавања.

Учениците се жалат дека како што се зголемува поддршката за бојкотот на наставата, така зачестуваат притисоците тие да се вратат на настава. Ученици велат дека некои од професорите им се јавуваат на телефон да се вратат на часови.
Од подрачното одделение за образование во Општина Битола велат дека учениците биле на настава до третиот час во сите средни училишта во градот.

Тетовските средношколци кои посетуваат настава на македонски јазик делумно ја бојкотираат наставата. Учениците Албанци, пак, редовно одат на часови. Единствено бојкотот целосно се спроведува кај учениците Македонци во Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Во средното економско училиште „8 Септември“, средношколците поради притисоци немаат можност да ги бојкотираат сите часови.

– Притисоците кон средношколците се зголемуваат. Морам да истакнам дека голем притисок имаме од директорот на училиштето и од менаџерскиот тим да не ја бојкотираме наставата. Поради тоа првиот час го бојкотиравме, вториот час, поради страв, не го бојкотиравме, но ќе се обидеме да не подлегнеме на заканите и во наредниве денови целосно да го спроведеме бојкотот – вели средношколец од Тетово.

Наставата во среднотo медицинско и земјоделско училиште во Тетово, се одвива нормално за сите ученици.

Во текот на изминатата седмица, до Хелсиншкиот комитет биле доставени голем број барања за правна помош со наводи за повреди на правата на младите и на наставниците поради нивните активности во пленумите.

„Комитетот е згрозен од наводите за притисоци врз средношколците кои ја бојкотираат наставата како што се: делење исписници, потпишување изјави со сомнителна содржина, затворање на училишните сали, правење списоци за присуство и за отсуство, закани со драконски парични казни и со собирање лични податоци за родителите за вршење дополнителен притисок за прекин на бојкотот на наставата.
Сметаме дека заканите упатени до родителите и до средношколците за парични казни доколку продолжи бојкотот на наставата претставуваат директна закана и за остварувањето на правото на протест, особено поради тоа што во конкретниот случај не се работи за неоправдано отсуство од наставата, кое може да биде причина за казна во согласност со Законот за средно образование“, реагираат од Хелсиншки комитет.

Мета

Слични содржини