Дојран беше епицентарот на најдобрата фестивалска забава која се случила во последните години во Македонија. Преку 8.000 луѓе сведочеа искрена атмосфера која ретко се гледа кај нас, па и во регионот. На главната сцена на паркингот Гранит сите раце без кренати во воздух, а оваа ноќ долго ќе се прераскажува.

Но, најдобриот дел од сè е што пред нас се уште две вечери полни со високо квалитетна музичка понуда, кои се пред сериозен предизвик да ја надминат еуфоријата на овој петок.

Вчера Вилкинсон ги пречекори сите високи очекувања и ја круниса првата ноќ на Д Фестивал со настап кој ги мрдна сите. Се играше на целиот паркинг, а кулминацијата со хитот “Афтерглоу” беше пречекана во френетичен амбиент. Вилкинсон беше воодушевен од реакциите на нашата публика и изборот се докажа како идеален за супер расположените фестивалџии.

На Вилкинсон му претходеа секогаш добредојдените Бед Копи, кои точно знаат како да ја анимираат македонската публика. Ништо послаби не беа Р’Н’Р учителите Електрични Оргазам, а честа на нашата сцена  достојно ја одбранија силните Поинт Бленк, Новиот Почеток и Фјурион.

На првиот фестивалски ден Дојран беше преполн и фестивалскиот камп вриеше од позитивната енергија на илјадниците кампери. Низ градот се слушаа повеќе светски јазици, гости пристигаа од цела Македонија, регионот, САД, Германија, Британија и од каде уште не, а расположението беше видливо дури и од Грција…

Денес не чека еднакво возбудлив ден и уште поинтензивна ноќ, кога покрај програмата и понудата во паркот, на главната сцена ќе ги гледаме Фулиш Грин, Заа, Љубојна Брас Фантази, ПМГ Колектив, Фолтин и Кирил Џајковски и ТК Вондер.

Почнува програмата и на Mosquito Stage.  

Го отвораме и вториот фестивалски стејџ – “Комарецот”. На другата сцена во кампот ќе можат да се проследат низа настапи на одлични музичари од кај нас и од Балканот.

Сцената која ќе функционира во кампот од пладне до 19 и која нуди супер програма, почнува денес. Ги имаме Сватовски, Смоук Шејкерс, Проџект 2501, Оратница од Бугарија и Ретро Кабаре од Скопје.

Плус, во кампот на Д Фестивал не чека густа понуда од активности на граѓански здруженија, филмови, работилници и дебати и што уште не.

И денес сè ќе биде најубаво во фестивалскиот камп на Д Фестивал, а на главната сцена очекуваме уште повеќе публика која нема да ја пропушти можноста да ужива во уште една незаборавна ноќ во преубавиот Дојран.

Сè со цел, правилно да се подготвиме за она што не чека во недела на 19.07, кога работите во раце ќе ги преземе Ману Чао и неговиот состав Ла Вентура.

Програмата на главната сцена, утре на 18.07 ќе изгледа вака:

Фулиш Грин – 20:00 – 20:40

ЗАА – 20:55 – 21:40

Љубојна Брас Фантази – 21:55 – 22:40

ПМГ Колектив – 22:55 – 23:40

Фолтин – 23:55 – 00:50

Кирил Џајковски и ТК Вондер – 01:05 – 02:30

Слични содржини