Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека имаат поддршка и од пратеници

од desk2

Борбата за демократија во ВМРО-ДПМНЕ е, всушност, борба за демократија во Република Македонија, за што имаме голема поддршка, вклучително и од многу од пратениците на партијатa, соопштија денеска членовите на Републичкиот штаб за реформи и за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ.

– Демократска држава е можна само ако постојат и демократски политички партии – рекоа првите луѓе на Штабот за реформи, зборувајќи на јавна трибина што ја спроведе невладината организација „Цивил“.

Тие додадоа дека суштината на промените во ВМРО-ДПМНЕ е нејзината децентрализација кога станува збор за носењето одлуки.

– Срцето на проблемот не е персонален, туку е во статутот на партијата и во другите акти по кои се избира лидерот и му се даваат овластувањата – изјави Петар Богојески, еден од водачите на движењето за реформа во ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека таквиот начин на централизирано водење на партијата доведе до огромна недоверба кон другите во партијата.

– Таа недоверба е основната причина зошто во ВМРО-ДПМНЕ беше „лиценциран“ и сè уште постои таканаречениот систем на меници – рече Богојески.

Илија Илијоски, член на штабот, рече дека декларацијата за демократизација и за реформи е доставена до централата на партијата уште на 29 јуни годинава, адресирана е до централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и дека очекуваат да бидат повикани на разговор. На прашањето што доколку тоа не се случи, беше кажано дека имаат варијанти за секоја ситуација.

– Ние сепак веруваме дека нашето движење ќе стане толку масовно што едноставно ќе мора да се разговара за ова прашање – оцени Алексадар Михајловски, еден од водачите на штабот.

Тој додаде дека ја гледа Македонија како држава во која владее правото и во која постојат лостови на контрола на власта, вклучувајќи ги и независните институции и независните медиуми.

– Ние се залагаме за постоење на силно специјално обвинителство и за специјален суд за борба против корупцијата, како трајни инстиитуции. Не смее никогаш повеќе да се дозволи прашањето на криминалот и на корупцијата да зависат само од личната самоконтрола на политичарите – додаде Михајловски.

Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ јавно се извинија за шовинистичките пароли искажани на почетокот на протестите организирани од неформалното здружение „За заедничка Македонија“, го осудија влегувањето и насилствата во Собранието на 27 април, со оценка дека многу од граѓаните биле заведени и дезинформирани и најавија целосно свртување во однос на пројави на национализам и на шовинизам.

– Ние сметаме дека е доста од вложување во национални партии, туку треба вложување во граѓаните што живеат на овие простори. Нашиот однос кон граѓаните кои не се со македонски етничко потекло е целосно космополитиски и таква ја гледаме ВМРО-ДПМНЕ во иднина – изјави Алексадар Коневски-Цезар, исто така дел од штабот за реформи.

Од штабот за реформи потврдија дека се соочуваат со бројни и недолични физички закани и закани кон нивните семејства, но она што навистина ги загрижува се заканите кон членството на ВМРО-ДПМНЕ, кое е соочено со такви притисоци, што не смее да покаже дека сака реформи во партијата ни на социјалните мрежи./Мета

Слични содржини