„Реквием за госпоѓа Ј.“ е тешка, социјална, црна комедија за животот во транзициона Србија

од Vladimir Zorba

„Реквием за госпоѓа Ј.“ е филм на младиот српски режисер Бојан Вулетиќ и е копродукција на Србија, Бугарија, Македонија, Руската федерација, Франција. Премиерно беше прикажан на Берлинскиот фестивал, каде ја освои публиката и критиката, а на 21 меѓународен филмски фестивал во Софија ја доби наградата на Меѓународната федерација на филмските критичари(ФИПРЕСЦИ). Вчеравечер скопската публика имаше можност да го погледне филмот во Киното Милениум со чија проекција беше отворен јубилејниот 20. Скопје Филм Фестивал.

„Реквием за госпоѓа Ј“ е сатирична, црна комедија за тешката социјална и психолошка состојба на луѓето во Србија, кои не успеаја да се снајдат во новото време на транзиција во која владеат корупцијата, бирократијата и двојниот морал.

Бојан Вулетиќ создал естески издржан филм, тематски заокружен, прекрасен, топол, емотивен филм кој го анализира современото семејство во ситуација на ерозија, на социјална деструкција.

Во центарот на вниманието на оваа тешка семејна драма е една средовечна жена, вдовица, која постепено губи сè во животот и останува турната на маргините на општеството. Пред година дена го изгубила сопругот, па работата, па сопствениот авторитет во рамките на своето семејство, па на крајот се губи и себе си како личност, запаѓа во апатија и летаргија. Нејзината постара ќерка, која е млада девојка, застанува на нејзиното место, станува глава на семејството, работи на вилушкар и го издржува семејството. Семејството полека тоне, се распаѓа, сè е во знакот на смртта. Првин умира таткото, па умира домашниот миленик на помалата ќерка, зајакот, па постарата ќерка Ана која е бремена го губи бебето од стрес.

Главниот лик, мајката, неможејќи да се справи со тешкото секојдневие решава да се самоубие и на тој начин да го спаси сопственото семејство, со парите кои ги уплатувала за животно осигурување да им помогне на своите блиски . Таа е во неможност ни да ја завери здравствената книшка, не може ни да ѝ се запише стажот затоа што средната буква од името ѝ е погрешно запишана во некои важни документи. Минува низ пеколот на едно кафкијанско секојдневие, заглавена во шалтерско-административната папазјанија.

Мирјана Карановиќ со сета нејзина актерска умешност успеа да ни го долови ликот на средовечната вдовица, госпоѓата Ј., а Бојан Вулетиќ со благ хумор и чувство на апсурд ја исплете својата длабока хуманистичка драма. Во драмата доминираат женските ликови, двете ќерки на госпоѓата Ј., нејзината свекрва, кон кои Вулетиќ се однесува со посебна нежност и емпатија, овие мали воини со грубата материјална стварност во Србија. Овој филм кој е сведен на минималистички мизансцен претставува естетски успешен, заокружен филм кој не смее да се пропушти.

Режија: Бојан Вулетиќ

Улоги: Мирјана Карановиќ, Јована Гавриловиќ, Даница Недељковиќ, Вучиќ Перовиќ

С.В.

Слични содржини