Репортери без граници: Омразата кон новинарите е закана за демократијата

од desk4

  Македонија, според Индексот на слобода за медиуми во светот за 2018 на Репортери без граници се наоѓа на 109 место, што е скок за две позиции од минатата година кога била на 111 место.

Од балканските земји, најдобро позициониран е Кипар на 25 место, Словенија е на 32-то, Хрватска на 69-то, Романија е на 44-то, Грција на 74-то, по неа се Албанија (75), Србија (76), Северен Кипар (77) и Косово (78), додека Бугарија е на 111 место, а Турција на 157 позиција.

Во годишниот извештај невладината организација предупредува дека слободата на медиумите во светот е намалена во текот на минатата година, а омразата кон новинарите се засилува во Европа и во САД, што е закана за демократијата.

Според Репортери без граници, Норвешка, втора година е на прво место по слобода на медиумите, а исто како и минатата година, на второ место е Шведска. На трето место е Холандија, додека Финска годинава бележи пад од едно место и е четврта.

Мапата на светот која ја направи репортери без граници за слобода на медиумите е дополнително поцрнета затоа што ситуацијата во 21 земја е дефинирана како „многу сериозна“ што претставува нов рекорд. Годинава во оваа група е ставен и Ирак. Со него се авторитарни режими, како Египет (161), Кина (176) и Северна Кореја, која и годинава е на последното 180-то место.

Во извештајот се истакнува дека говорот на омраза и напади врз новинарите веќе не е привилегија само на авторитарните држави.

Четири од најголемите регистрирани падови се во европски земји. Чешка, каде претседателот Милош Земан излезе на прес-конференција со „Калашников“ со натпис „за новинари“, падна за 11 места на 34 место. Словачка, каде поранешниот премиер Роберт Фицо ги нарече новинарите „валкани антисловачки проститутки” и „прости и глупави хиени“, падна за 10 места на 27 позиција. Малта, каде беше убиен новинар кој ја истражувал корупцијата, падна за 18 места на 65-то, додека Србија падна за 10 места на 77 позиција.

Под администрацијата на Доналд Трамп, САД падна за две позиции и се рангира на 45. место. Трамп смета дека новинарите се „непријатели на народот“, квалификација која му се припишува на Сталин, истакнува Репортери без граници.

– Рангирањето, за жал, го одразува феноменот на растечкиот говор на омраза кон новинарите во повеќе земји, а ослободувањето на оваа омраза е навистина опасно, соопшти Кристоф Дилоар, генерален секретар на невладината организација.

Репортери без граници од 2002 година објавува извештаи за Индексот на слобода на медиуми во 180 земји, при што се вклучени нивото на плурализам, независност на медиумите, животната средина, автоцензурата, правната рамка, транспарентноста и квалитетот на инфраструктурата што произведува вести и информации. Извештајот не ја оценува владината политика.

Глобалниот индикатор и регионалните показатели се оценуваат врз основа на резултатите добиени за секоја држава. Извештајот се подготвува врз основа на прашалник и анализа на одговорите.

Слични содржини