Револтот на тетовчани расне – ѓубре и смет истурија пред зградата на општината

од Vladimir Zorba

Револтот поради големата смрдеа и густиот црн чад во кој два дена се гуши Тетово, граѓаните го истурија врз надлежните. Кеси полни со смет контејнери и јајца завршија во општинската зграда, информира Телма.

Протестниот марш започна од градскиот плоштад а заврши пред зградата на Општината, од каде тетовци побараа оставка од градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Тетовци велат дека на депонијата голем пожар избил и синоќа, откако надлежните попладнето рекоа дека тој е под контрола. Од дома не излеговме, не можеме ни прозорец да отвориме, но смрдеата влезе и во нашите соби, велат граѓаните .

Одговорноста за ваквата еколошката катастрофа која не се случила досега во Тетово, граѓаните ја гледаат во локалната самоуправа, која дозволила да претовара смет на отворено без никакви стандарди, за на крај локацијата да се претвори во дива депонија.

Дивата депонија и попладнево чади. Од Тетовската противпожарна единица смируваат. Велат дека пожарот е под контрола, но за секој случај ќе дежураат и во текот на оваа ноќ.

Депонијата ја посети министерот без ресор Самка Ибраимовски. Рече дека ќе побара помош од владата за решавање на проблемот со депонијата.

И додека властите најавуваат дека проблемот ќе се реши, граѓаните трпат големи здравствени последици велат здравствените експерти. Тие апелриаат деновиве тетовци да не излегуваат од дома и повеќе да пијат течности.

Тетовската дива депонија се запали вчера во утринските часови. Целиот град беше обвиен во црно. Пожарот се уште не може целосно да се ликвдира, а од Општина Тетово, по којзнае кој пат и денеска ветија дека од утре ќе почнат на расчистување на депонијата./извор Телма

Слични содржини