Режимот падна, а нас не казнија за сквернавење на Лисистрата гумената

од desk4

Денес го добив шестото по ред розево пликце поточно решение за сторен прекршок за кој треба да платам казна во износ од 100 евра. Првите пет се за фрлање боја на згради, фонтани и објекти од јавен интерес и тоа го прифаќам и го правев со цела одговорност за последиците. Она што денес ми стигна е решение за сторен прекршок за “викање, карање и недолично однесување” на кабаре претставата Лисистрата во 2015 г. во Театар Комедија и со целосна одговорност и во трезвена состојба изјавувам дека не го прифаќам а ќе објаснам и зошто.

Најпрвин малце театарска навигација…

Претставата на која се изведе протестниот перформанс за која патем уредно купивме карти беше рекламирана и декларирана како КАБАРЕ претстава.

Имено, она што го прави кабарето посебно се неколку клучни карактеристики кои го одвојуваат од класичниот театарски израз. Кабарето најчесто е политички ангажирано, неговата естетика главно се темели врз цинизам, сарказам и иронија. Практика е претставата да ја води церемонијал мајстор, кој често комуницира со публиката. Важно е да се спомене дека во оваа форма секогаш се инсистира на губење на “четвртиот ѕид” на сцената и директно инволвирање на публиката во дејствието. Ние баш тоа го направивме. Одговоривме на повикот од церемонијал мајсторката да направиме селфи со неа но се сликавме со амблеми на тогашното протестно движење #Протестирам кое тогаш се бореше против режимот на кој тогашната раководителка на Театар Комедија ака Лисистрата ака Јелена Жугиќ му слугуваше.

Оттука не треба човек да биде којнае колкав познавач на сценските уметности за да процени дека во тој протестен перформанс ако воопшто нешто сквернавевме, ја сквернавевме нејзината партизираност како колмејкер во театарот и партизираноста на културата воопшто.

Ова го кажувам бидејќи наспроти решението за сторен прекршок за недолично однесување, нашата форма на протест беше добро осмислена и планирана до секунди темпирајќи во кој момент од претсавата да ја изразиме нашата форма на револт како би ја избегнале недоличноста и сквернавењето на театарот. Баш поради тоа што организаторите на тој протест се театарски писмени и почитувачи на светоста на сцената го избравме овој театарски начин да упатиме порака кон театарот, како активна и зрела театарска публика.

Иако имаме финансиски сретства од донациите од Шарена Револуција со кои можеме да ја покриеме оваа казна јас одбивам тоа да го сторам. Ќе ги следам сите правни процедури кои ми следуваат со закон за да го обжалам ова решение.

Два милиони да собереме по 100 евра нема да успееме да го испереме срамот што претходните раководители на театрите во Скопје му го направија на театарот во Македонија воопшто.

Ирена Стерјовска – Фејсбук статус

Слични содржини