Резултати на македонските спортисти во 2017 година

од Vladimir Zorba

  Титулата европски шампиони која ја освоија ракометарите на „Вардар“ и успешните настапи на фудбалската репрезентација на Македонија се дел од спортските настани кои ја одбележаа годината што измина.    

Ракомет

Во македонскиот спорт, 2017 година засекогаш ќе биде запаметена по историскиот резултат што го направија ракометарите на Вардар кои се искачија на европскиот трон. Вардарци покрај титулата европски шампион, ги освоија СЕХА лигата и домашните првенство и куп и со право можеме да кажеме дека се најуспешниот спортски колектив за оваа година.

Првиот освоен трофеј во Лигата на шампионите, во Македонија предизвика голема радост и беше причина на плоштадот во македонската престолнина да се повторат сликите кога се прославуваа успесите на кошаркарската и ракометната репрезентација.

Женскиот клуб на Вардар беше на чекор до трофејот во ЛШ, но повторно застана непосредно до врвот. Од титулата ги делеше само еден гол па трофејот остана во Унгарија кај Ѓер. Оваа сезона вардарки прикажуваат одлични партии и даваат надеж дека по трите бронзени и еден сребрен медал, конечно ќе го освојат златото и ќе го повторат успехот на Кометал Ѓорче Петров од 2002 година.

Успешната година на ракометот во Македонија ја надополни машката  репрезентацијата која избори учество на Европското првенство кое во втората половина на јануари 2018 година ќе се игра во Хрватска.

На Светското првенство во Алжир, младата репрезентација (до 21 година) го освои 6. место.

Фудбал

Како ретко кога, годинава што изминува ќе ја паметиме и по успешните настапи на фудбалската репрезентација на Македонија. Селекцијата од клупата предводена од Игор Ангеловски, а на теренот од капитенот Горан Пандев на 13 натпревари постигна седум победи, пет нерешени и само еден пораз (од Шпанија).

На ФИФА ранг листата „Рисовите“ годината завршуваат на 76.место што е за 86 места подобро од рангирањето во декември 2016 година кога беа на 162. позиција.

Уште поголем успех забележа селекцијата до 21 година која е првата фудбалска репрезентација која играше на едно Европско првенство.

На клупски план Вардар со пласманот во групната фаза од Лига Европа стана првиот тим во историјата на македонскиот фудбал кој обезбедил учество во групната фаза од евро-куповите.

Во август, Фудбалска федерација на Македонија беше домаќин на Супер купот во кој настапија Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

 

Кошарка

Една од најслабите години и во клупска и во репрезентативна кошарка во Македонија. За издвојување е успехот на поранешниот македонски репрезентативец Перо Антиќ кој со Фенербахче стана европски шампион што за него е трет трофеј од елитната Евролига.

Одбојка

Македонските одбојкари, популарните „Спартанци“ и оваа година играа финале во Европската лига и повторно, трет пат по ред, го освоија сребрениот медал.

Во индивидуалните спортови за одбележување се неколку значајни резултати на македонските спортисти на меѓународната сцена.

Пливање

Евгениј Поп Ацев го освои првото место во Генералниот пласман од Светскиот куп во далечинско пливање.

Карате

Берат Јакупи се најде на победничкиот пиедестал по втрото место и сребрениот медал на Европското првенство во карате во Кочели, Турција.

Јована Ѓорѓиева го освои бронзениот медал на Европското првенство во карате за сениори во категорија до 55кг. во Кочели, Турција.

Петар Заборски заврши како трет во категоријата У-21 на Европското првенство во карате во Софија, Бугарија).

Македонската репрезентација во традиционално карате на последниот светски шампионат во Мотекатини, Италија освои вкупно 14 медали од кој 9 златни, 1 сребрен и 4 бронзени медали во сениорска, јуниорска и кадетска конкуренција.

Кик-бокс

Димитар Ѓорѓиев беше трет на Светското првенство во кик-бокс во Будимпешта, Унгарија.

Џудо

Берна Шерифовска стигна до бронзата на Балканијадата за сениори во Скопје.

Македонија има потенцијал за подобри резултати и во националните првенства и на меѓународната сцена. Да им посакаме на македонските спортисти успешна 2018 година и остварување на нивните амбиции.

Зоран Стерјовски     МИА РЕТРО 2017 

Слични содржини