Рибарев на боледување откако СЈО го сослушало за акмисот и Панчевски, сакал и да се повлече од претседателската функција?!

од Vladimir Zorba

В.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев пред неколку дена заминал на боледување. Неофицијално, тој отворил боледување на неопределен рок.

Официјално, од Кривичниот суд потврдуваат дека Рибарев е на боледување и немаат информации кога ќе се врати на работа. Додека е отсутен, него ќе го заменува судијката Дијана Груевска – Илиевска.

САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека Рибарев бил на распит во Специјалното јавно обвинителство во врска со предистражната постапка за изнесување на докази надвор од Судот, во корист на осомничени или обвинети лица од ова Обвинителство. Не се знае дали бил повикан во својство на сведок, или како можен осомничен.

На 5 октомври, кога Катица Јанева влезе да врши претрес во персоналниот компјутер со АКМИС-от во претседателската канцеларија, самиот Рибарев им соопштил на колегиум на судиите дека ѝ дозволил на специјалната јавна обвинителка да земе како доказ сѐ што ѝ треба. Тоа му го кажал и на Судскиот совет. За време на претресот Рибарев бил на работното место.

Тој ден Јанева со налог потпишан од судија на претходна постапка од Основниот суд Гевгелија изврши претрес и во канцеларијата на осомничениот експретседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Со друг налог потпишан од истата судијка, Јанева изврши претрес и во домот на Панчевски.

 СДК дознава дека распитот на Рибарев се случил откако Јанева и тимот истражители и ИТ инженери, обезбедиле докази за можна злоупотреба на системот за електронско распоредување на судските предмети. Осомничен во овој случај за оддавање службена тајна и за злоупотреби со рачно местење на судските предмети, како што рече Јанева е „лицето Владимир Панчевски“.

Рибарев е на боледување во време кога токму Кривичниот совет од одделот за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1, треба што поскоро да го комплетира и да го спакува предметот за „Тврдина“ и „Таргет“ за масовно незаконско прислушување, за кои се обвинети Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Брзината е потребна за да се екстрадираат што побргу овие двајца бегалци од законот, кои моментално се во Солун, Грција, каде им се суди за фалсификување на патни исправи со кои сакале да избегаат за Унгарија.

Од извори во Судскиот совет порталот СДК дознава дека Рибарев сакал целосно да се повлече од в.д. претседателската функција, на која дојде непосредно пред да стасаат обвиненијата од СЈО во Кривичниот суд. Тој барал пред Судскиот совет да биде вратен во Врховниот суд, како граѓански судија, од каде дојде да биде в.д. претседател после Татјана Михајлова. Но, претседателот на Судскиот совет не сакал да чуе за негово разрешување и именување нов в.д. претседател, зашто, имало други нерешени приоритети.

Слични содржини