Денеска во Кривичниот суд ќе се одржи ново рочиште за случајот на Специјалното јавно обвинителство, во кое обвинети се екс премиерот Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

На денешното рочиште ќе се презентира изготвеното вештачење, додека пак одбраната ќе презентира писмени докази.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година, Груевски ги искористил влијанието и службената положба и побарал од Јанкулоска да спроведе јавна набавка со која министерството за внатрешни работи ќе купи ново блиндирано возило „Мерцедес С-600 Гард“. Во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“. Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Возилото од министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае. За набавката на мерцедесот јавноста дозна од „бомбите“ кои ги објави тогашната опозиција./FOkus