На денешен ден    28 август 

гете

430.- Умре римскиот свештеник Аврелиј Августин, познат како Свети Августин, кој беше најзначаен претставник на раната христијанска филозофија.

1645.- Умре холандскиот правник, писател и хуманист Хуго Гроцијус, основач на науката за меѓународно право. Хуго Гроцијус припаѓаше на “школата за природно право” со што ја докажуваше еднаквоста на луѓето меѓу себе и пред законот. Исто така, тврдеше дека океаните се општо добро и дека одделни земји немаат ексклузивно право на нивно користење. Во Холандија за време на големите спорови меѓу рикомактолиците и протестантите се залагаше за верска толеранција, докажувајќи дека и двете групи се христијански и дека нема причина за меѓусебни недоразбирања. Во 1618 година беше уапсен, а во 1619 осуден на доживотна робија како верски еретик. Во 1621 година избега во Франција. Од 1635 година се до неговата смрт беше амбасадор на Шведска во Франција. Дела: “De iure belli ac pacis”, “Mare liberium”, “De iure praedae”, “De veritate religionis Christianae”, “Via et votum ad pacem ecclesiasticam”, драмите “Christus patiens”, “Sophomphaneas”, “Adamus exul”.

1749.- Во Франкфурт на Мајна е роден Јохан Волфганг Гете, германски писател и учесник на многу литературни струења и правци, но никогаш не се придружи на ниту еден од нив. Светско признание стекна со драмскиот еп “Фауст”. Историско-критичкото издание на неговите целокупни дела опфаќа 143 тетратки. Познати негови дела се романот “Страданијата на младиот Вертер”, драмите “Егмонт”, “Ифигенија на Таврида” и “Торквато Тасо” и епот “Херман и Доротеја”. Умре во Вајмар, на 22 март 1832 година.

1833.- Парламентот на Британија забрани трговија со робови во целата Британска империја.

1851.- Во Поњане, кај Шкофја Лока, е роден Иван Тавчар, словенечки писател и политичар. Се смета за еден од најпознатите раскажувачи на романтичарскиот правец. Во некои дела се приближува и кон реализмот. Познати негови дела се: “Мртви срца”, “Меѓу горите”, “Бисошка хроника”, “Цвеќе на есен” и други. Умре во Љубљана на 19 февруари 1923 година.

1877.- Роден е англискиот произведувач на автомобили и пилот Чарлс Стјуарт Ролс, кој заедно со Фредерик Ројс во 1906 година ја основа компанијата за произодство на автомобили “Ролс-Ројс”. Во 1904 година Ројсовата фирма почна да произведува автомобили кои ги импресионираа Ројсови, по што и двајцата две години подоцна станаа косопственици на компанијата чии возила во автомобилската индустрија се ненадминати во однос на луксузот и квалитетот. Компанијата “Ролс-Ројс” произведува и авионски мотори. Ролс е првиот пилот кој во јуни 1910 година го прелета Ламанш во двата правца без застанување, а во јули истата година како прв британски пилот загина во авионска несреќа.

1903.- Селото Смилево, Демирхисарско, беше нападнато од многубројна турска војска. Со одбраната на Смилево раководеше Даме Груев, голем македонски револуционер. По жестоката борба турската војска навлезе во селото, го запали и изврши масакрирање на 250 жени и деца во месноста Голем Гар, на Бигла Планина.

1910.- На свечена седница во Народното собрание во Цетиње Кнежеството Црна Гора е прогласено за Кралство, а кнезот Никола Први Петрович за крал.

1914.- Умре Анатолиј Константинович Љадов, руски композитор, диригент и музички педагог. Се занимаваше со проучување на рускиот музички фолклор, кој често го внесуваше во своите дела. Роден е на 11 мај 1855 година.

1916.- Германија во Првата светска војна и објави војна на Романија.

1917.- Во Прилеп е роден Сотир Гулески, македонски писател и книжевен преведувач. Автор е на романите „Меѓа“, „Прекшен `рбет“, „Кога карпите `ртат“, „Модро млеко“, „Им се суди на дивите ветрови“, на тетралогијата „Фурии“ и на други дела. Умре во Охрид, на 20 јуни 1985 година.

1929.- Рударите од рудникот Лојане, Кумановско, стапија во штрајк. Поради тоа овој ден е прогласен за Ден на рударите на Македонија.

1944.- Во Марсеј во Втората светска војна германските војници се предадоа, а истиот ден е ослободен и градот Тулон.

1944.- Во борбата за ослободување на селото Здуње, кај Македонски Брод, во една јуришна борба против бугарската војска како командант на Петтата македонска бригада загина Илија Игески – Цветан, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во селото Топлица, Прилепско, во 1920 година.

1968.- Во Струга умре Антон Панов, македонски писател, еден од најпознатите македонски драмски автори. Најпознато негово дело е драмата “Печалбари”, објавена во 1936 година. Други негови познати дела се драмите “Вероника”, “Препородени”, “Самракот”, “Градинар” и “Пилекатник”, како и расказите “Роденденот на Серјожа Јегоркин”, “Тимка” и “Го јаделе болви”. Роден е во Стар Дојран, на 13 април 1906 година.

1987.- Умре американскиот филмски режисер Џон Хјустон, еден од најистакнатите американски синеисти на 20. век. Филмови: „Малтешки сокол“ „Рт Ларго“, „Бевме странци“, „Богаството на Сиера Мадре“, „Џунгла на асфалт“, „Црвена значка за храброст“, „Африканска кралица“, „Моби Дик“, „Ноќ на игуаните“, „Наш човек од Австралија“, „Ени“.

1991.- Во Скопје, во издание на НИП “Нова Македонија”, излезе првиот број на неделниот спортски магазин “Скок”.

1992.- Започнаа натпреварите на Првата македонска фудбалска лига.

1993.- Во близина на селото Подвис, Кичевско, е откриена спомен-плоча на прославените војводи од Илинденската епопеја, Наќе и Арсо, а во кругот на црквата во селото Кладник, е откриена спомен-плоча на масовната гробница на 18 македонски востаници.

1996.- Владата на САД му забрани на водачот на “Исламска нација” Луис Фаракан да го прифати ветениот либиски подарок од милијарда долари за економска и политичка помош на американските црнци.

1996.- Во Битола, на празникот Успение на Света Богородица, проработи првото црковно радио на подрачјето на Преспанско-пелагониската епархија.

1999.- Во сообраќајна несреќа загина македонскиот министер Радомир Стојковски заедо со неговата сопруга, ќерка и возачот, по што норвешките војници во возилото на меѓународните сили одбија да направат алкохол-тест во крвта. Поручникот кој ја предизвика несреќата, во Осло во март 2000 година е осуден на една година затвор.

2007.- Умре Франциско Умбрал, еден од најголемите шпански современи писатели. Објави повеќе од 80 книги, меѓу кои се „Смртникот и ружата“ и „Мадридска трилогија“. Добитник е на угледни шпански признанија – Наградата на принцот од Астурија за литертура во 1996 година и наградата „Сервантес 2000“. Како публицист пишуваше за повеќе списанија, меѓу кои се левичарскиот „Ел паис“ и десничарскиот „Ел мундо“.

Избор МИА

Слични содржини