На денешен ден  28 април 

vremeplov

1442.- Роден е англискиот крал Едвард IV, водач на династијата Јорк во граѓанската „Војна на две ружи“ против поддржувачите на династијата Ланкастер. Престолот го доби со победите на своите сили во 1641 година во клучните битки кај Мортимер Крос и Тоутон. Круната му ја одзеде неговиот претходник на престолот Хенри VI, но со победата над војската на Ланкастер во битката кај Туксбери во 1471 година повторно стана крал и владееше се до смртта во 1483 година.

1758.- Роден е американскиот државник Џејмс Монро, претседател на САД од 1817 до 1925 година. Во 1823 година ја прокламираше „Монровата доктрина“ под мотото „Америка на Американците“. Основната цел на ова мото беше да се потиснат европските сили на американското тло.

1789.- Побунетиот екипаж на англискиот брод „Баунти“ го остави заповедникот, крутиот капетан Вилијам Блај со неговите 18 поддржувачи во водите кај Тахити. Блај по 48 дена драматична пловидба и повеќе од 3.500 милји успеа да стаса до островот Тимор во денешна Индонезија. На уапсените бунтовници подоцна им беше судено во Англија.

1813.- Во Болеславец, Полска, умре Михаил Иларионович Кутузов, познат руски војсководец, стратег, кој и покрај противењето на царот и на генералот, за време на нападот на Наполеон на Русија ги измами Французите во широките руски пространства, а потоа ги порази. Роден е на 16 септември 1745 година.

1878.- Роден е американскиот филмски и театарски актер Лајонел Блајт, познат како Лајонел Баримор кој уште како дете се прослави со ликот на Оливер Твист. Пред крајот на животот како тежок инвалид, во инвалидска количка одигра повеќе извонредни карактерни улоги. Филмови: „Грант хотел“, „Островот Лагро“, „Дамата со камелии“, „Распутин и царицата“, ТВ-серијата „Д-р Килдер“.

1903.- Во Солун, од 28 до 30 април (група македонски интелектуалци, формирана со цел со динамитни акции да се предизвика интервенција на европските сили во Македонија и да се запознае европската јавност со состојбата во Македонија) ги дигнаа во воздух францускиот брод “Гвадалкивир”, Отоманската банка, Поштата, Плинарницата и други јавни објекти. Овие настани, познати како Солунски атентати, извршени неколку месеци пред Илинденското востание, претставуваат најкрупен настан кој предизвика силен ефект во европската јавност и во европската дипломатија.

1918.- Во воениот затвор Терезин, во Чешка, умре Гаврило Принцип, припадник на организацијата на босанската револуционерна младина “Млада Босна”. На 28 јуни 1914 година, во Сараево изврши атентат врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд. Беше осуден на 20 години затвор. Роден е во Велики Обљај, кај Босанско Грахово, на 25 јули 1894 година.

1919.- На мировната конференција во Париз на која учествуваа 32 држави, вклучувајќи го и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, осоновано е Друштвото на народите. Сите држави потписнички беа обврзани на заедничка акција против агресија, се откажаа од употреба на сила и ја прифатија обврската за мирно решавање на споровите.

1924.- Роден е замбискиот државник Кенет Каунда, прв претседател на Замбија од 1964 до 1991 година.

1936.- Умре египетскиот крал Фуад I, кој на престолот во Египет дојде во 1922 година. Претходно, за време на британскиот протекторат, во 1917 година стана египетски султан, а титулата крал ја зеде кога Велика Британија и даде формална независност на Египет во 1922 година. На престолот го наследи неговиот син Фарук I.

1937.- Роден е ирачкиот диктатор Садам Хусеин. На власт во Ирак дојде во 1979 година, кога како потпретседател на владејачкиот Совет на револуционерната команда го симна од власт шефот на државата Ахмед Хасан ал Бакар, по што користеше диктаторски методи на владеење, вклучувајќи и физичка ликвидација на политичките противници. Тој е  обесен во Багдад, на 30 декември 2006 година, откако локалниот суд го осуди на смрт поради убиство на околу 150 шиити во текот на 80-тите години.

1945.- Во Комо, италијанските партизани ја извршија смртната казна врз италијанскиот диктатор, Бенито Мусолини. Роден е на 29 јули 1883 година.

1952.- Јапонија по поразот во Втората светска војна ја врати сувереноста и независноста откако стапи на сила мировниот договор постигнат во Сан Франциско во 1951 година.

1969.- Претседателот на Франција, Шарл де Гол поднесе оставка на функцијата по 11 години владеење. Тој се повлече од функцијата по референдумот за регионализација на државата и укинување на Сенатот, на кој, мнозинство од гласачите се изјаснија против неговите идеи.

1975.- Американците го напуштија Сајгон, со што заврши 20-годишната интервенција на САД во Јужен Виетнам.

1977.- Андреас Бадер и останатите уапсени членови на германската левичарска терористичка група „Бадер-Мајнхоф“ по двегодишното судење во Штутгарт се осудени на доживотна робија.

1980.- Американскиот државен секретар Сајрус Венс поднесе оставка на функцијата по неуспешната мисија на командосите за спасување на американските заложници во Иран.

1982.- Велика Британија воспостави воздушна блокада врз Фокландските (Малвинските) Острови над кои контролата ја презеде Аргентина.

1986.- Советската влада објави дека пред два дена се случи голема нуклеарна несреќа во електраната во Чернобил.

1992.- Во Лондон умре Френсис Бејкон, најпознатиот англиски сликар на 20-от век. Во 1976 година, за една Бејконова слика на аукцијата во Њујорк се платени 140.000 американски долари. Во мај 1990 година, Бејконовиот триптих “Мај – јуни” е продаден за рекордни 6.270.000 американски долари. Роден е во 1910 година.

2001.- На патот меѓу селата Селце и Вејце во близина на месноста Бреза, Тетовско, албанска диверзантско-терористичка група од заседа уби осуммина и повреди шестмина припадници на безбедносните сили на Република Македонија.

2001.- Првиот вселенски турист во светот, Американецот Денис Тито плати 20 милиони долари за да полета со руска ракета кон Меѓународната вселенска станица.

2002.- Во хеликоптерска несреќа загина гувернерот на руската Краснојарска област генерал Александар Лебед.

2003.- Рускиот вселенски брод „Сојуз“, првото вселенско летало со човечки екипаж лансирано по катастрофата на американскиот шатл „Колумбија“, успешно се спои со Меѓународната вселенска станица.

2004.- Американската ТВ мрежа CBS ги објави фотографиите на ирачките затвореници во затворот Абу Граиб каде американските војници вршеа тортура врз нив.

2004.- Во серијата истовремени напади на исламските сепаратисти врз полицијата и силите на безбедност на повеќе места на југот од Тајланд загинаа најмалку 93 исламски бунтовници, четворица полицајци и еден војник.

2005.- Националниот Парламент на Ирак со мнозинство гласови го прифати составот на новата ирачка Влада на Ибрахим ел Џафари, со што првпат по повеќе од 50 години, Ирак доби демократски избрана Влада.

2007.- Во Талин, Естонија, 96 лица беа повредени, а 600 уапсени во судирите поради отстранување на спорниот споменик на Советската армија. Беа демолирани околу 50 објекти, главно продавници.

2007.- Во близина на две шиитски џамии кај главната трговско-деловна улица во ирачкиот свет град Карбала во експлозија на автомобил-бомба се убиени 50 луѓе, а 70 се повредени.

2008.- Најмалку 70 луѓе загинаа, а 420 се повредени во судирот на два патнички воза на исток од Кина. Несреќата се случи кога возот кој сообраќаше од Пекинг кон летувалиштето Кингао скршна од шините и се удри во местото Цибо, во провинцијата Шандонг, со друг воз кој доаѓаше од спротивниот правец, од летувалиштето Јантаи.

2012.- Умре Милан Фирфов, редовен професор во пензија на Факултетот за музички уметности. Фирфов беше истакнат музички работник, диригент, пијанист и оперски пејач. Ќе остане запаметен по многубројните солистички и концертни настапи на разни музички манифестации во државата и во странство и како исклучителен професор по соло-пеење и клавир.

Избор МИА

Слични содржини