Во врска со безбедносната ситуација и кампот на Средношколски Пленум – разбирлива е загриженоста што ја искажувате во коментари и пораки во инбокс – ја чувствуваме и ние. Би сакале да ве информираме за следното:

116

1) Претставници на Родителскиот Пленум вчера утрото поднесоа барање во ПС Центар – за зајакнато присуство на полицијата околу кампот и да дојде некој од Единицата за превенција, да им одржи показна вежба за справување со несакани ситуации. Барањето, заедно со службена белешка за разговорот со нас, е проследено до СВР – Скопје. Неколку родители оставија свои телефонски броеви во ПС Центар, за веднаш да ни јават доколку има информации од значење за кампот.

2) Родителски Пленум и Средношколски Пленум вчера попладнето одржаа заеднички состанок на кој родителите им ги предочија на децата своите стравувања и сознанија за ситуацијата и своите предлози како да се реагира. На почетокот на состанокот им нагласивме дека ова се наши предлози, дека никој нема намера да одлучува наместо нив и дека нивната одлука ќе биде конечна (имајте предвид дека се полнолетни, а дека ги поддржуваме и во борбата нивното мислење да биде слушнато во сите сфери, не само за подобро образование). На средбата беа и се обратија и некои од наставниците.

3) Вечерта средношколците одржаа свој пленум на кој се договорија кампот да остане, со зголемена претпазливост.

4) Како што рековме на почетокот, должни сме таа одлука да ја почитуваме. Наше е да помогнеме да бидат и да се чувствуваат побезбедни – да нѐ има повеќе на дежурство таму, за и тие да може малку да отспијат. Да им носиме храна, за да не бидат гладни и нервозни. Да не ги оптоваруваме со шпекулации што не можеме да ги потврдиме. Разбирливо е што секој се сомнева во сѐ, но не мора тоа да го пренесуваме на децата. Со своите досегашни активности, тие покажаа дека се многу умни и разумни и способни за анализа на ситуацијата.

5)На честите прашања – кој ќе биде виновен ако нешто им се случи, имаме еден одговор што можеби нема да ви се допадне – дел од вината ќе носат и сите оние што коментираат само од ФБ, наместо да одат и конкретно да ги поддржат. Да дежураат со нив, да носат храна (како што веќе рековме), но и да вршат притисок врз училиштата и МОН да ги уважат барањата на средношколците, овојпат вистински и суштински, со што средношколците би се вратиле во училиштата. Тоа се начините на кои можеме да им помогнеме и да се погрижиме за нивна безбедност. А се надеваме дека нема да има несакани инциденти – наши се и децата што се излезени од нашите домови, ама и сите деца во кампот станаа наши, низ секојдневните средби и разговори со тие блескави претставници на своите генерации.

‪#‎ПоздравПленумци‬!!

Слични содржини