Родман осуден поради возење пијан

од Vladimir Zorba

Една од најконтроверзните кошаркарски фигури од 1990-тите години доби тригодишна условна казна за возење во пијана состојба. Денис Родман беше осуден поради апсење во јануари оваа година во Јужна Калифорнија и сам се изјасни за виновен, а освен условна казна мора да плати парична казна во износ од 390 долари и да посетува терапија во наредните девет месеци.

Адвокатот на Родман изјави дека поранешната НБА ѕвезда ја прифаќа ситуацијата целосно одговорно и сериозно. Петкратниот шампион на НБА не се судира со законот за првпат, а во случајот имал трипати повеќе алкохол во крвта од дозволеното. Денис нема да лежи во затвор, но може да биде притворен за 90 дена, ако ја наруши условна казна.

Во јули 2016-та, двократниот „дефанзивец на годината“ требаше да изработи 30 часа општествено корисна работа поради друг сообраќаен прекршок. Во 1999 година повторно беше фатен под дејство на алкохол. Во последниве години, кошарката е на заден план за „црвот“.

Родман создаде контроверзии поради пријателството со севернокорејскиот диктатор Ким Џонг Ун и неколкуте посети на Пјонгјанг, за време на кои, по неговите зборови, „пеел караоке и правел кул работи со Ким“.

Слични содржини