Меѓу кандидатите за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ може да се најдат актуелни градоначалници, но и нови лица, многумина доктори, ама и неколку бизнисмени, додека некои од нив се и роднински поврзани.

Имено, по повлекувањето на Никола Бакрачевски, партијата во Охрид го кандидираше докторот Митко Тилев, кој му е зет на градоначалникот на Крива Паланка од редовите на истата партија и кандидат за нов мандат на изборите, Арсенчо Алексовски.

Понатаму, по неколку мандати на Петре Латиновски, партијата во Бутел го кандидираше претседателот на општинскиот комитет, Дарко Костовски, кој му е прв братучед на првиот човек на комитетот во Кисела Вода, Орце Георгиевски, син на поранешниот пратеник Веле Георгиевски.

Што се однесува до Кисела Вода, партијата на Никола Груевски ќе настапи со пратеникот Јохан Тарчуловски, кој е близок пријател со градоначалникот на Македонска Каменица, Дарко Митевски.

Инаку, Тарчуловски и неговото семејство ја поседуваат компанијата за товарен патен транспорт Мел-Ком транс Дооел, која соработува со рудникот Саса, стациониран токму во Македонска Каменица.

Најголемата опозициска партија ќе настапи со бизнисменот Митко Јанчев во Кавадарци, која досега ја предводеше Александар Панов, неодамна осуден за изборен поткуп.

Јанчев е прв човек на компанијата за производство на вода Кожувчанка, која во претходните години склучила десетина договори за јавна набавка со неколку интутиции, меѓу кои Министерството за одбрана, ЕЛЕМ, МВР…/фокус