РТЛ: Макрон и Жипе постигнаа договор за формирање влада

од Vladimir Zorba

 

Новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон и еден од лидерите на конзервативната партија Републиканци (ЛР), Ален Жипе, денеска постигнаа договор за формирање нова влада на Франција, јави радиото РТЛ.

Согласно договорот, со владата, која би требало да биде формирана в понеделник, ќе раководи актуелниот градоначалник на Авр, републиканецот Едуар Филип.

Владата би управувала со земјата до одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 11 и 18 јуни.

Според РТЛ, Макрон и Жипе го постигнале овој договор во телефонски разговор.

На ваквите тврдења реагираше членот на раководството на ЛР, Франсоа Бароан, кој во изјава за телевизијата БФМ нагласи дека не може да замисли оти некој од редовите на Републиканците преку ноќ би преминал во партијата Напред (ЕМ) на Макрон.

– Ќе се бориме за мнозинство. Ален Жипе ја потврди својата целосна поддршка на кандидатите на партијата Републикнаци, изјави Бароан, изразувајќи надеж дека „Жипе нема да се приклони кон Макрон“.

Слични содржини