„Рускиот Елон Маск“ бил силуван и измачуван до смрт во притвор

од desk2

Скршен ‘рбет, знаци на мачење со струја, задушување, убоди од нож и силување – ова беа само неколку од забелешките на официјалниот медицински наод за смртта на рускиот пронаоѓач и бизнисмен Валери Пшенични.

Валери Пшенични (56) беше притворен во јануари откако беше обвинет за проневера на 100 милиони рубљи (80 милиони денари) од договор со кој неговата компанија требало да произведе 3Д модели на подморница. Само три недели подоцна, неговото тело беше пронајдено како виси од импровизирана бесилка во затворот во Санкт Петербург.

Управата на затворот го прогласи овој случај за самоубиство, но семејството и пријателите на Пшенични беа сигурни дека тој е доволно психички стабилен и дека никогаш не би посегнал по неговиот живот. Жена му ја поттикна истрагата со тоа што идентификуваше дека врвката на која беше обесен Валери Пшенични не беше од некое негово парче облека, па се прашуваше како можело да се најде таму ако тој навистина се самоубил.

Изненадувачки, властите решија да покренат истрага и почнаа да собираат отпечатоци од местото на настанот и ги споредуваа со ДНК примероците на чуварите од затворот.

Случајот на Пшенични беше спореден со оној на смртта во затвор на адвокатот Сергеј Магнитски од ноември 2009 година. Магнитски откри голем систем на корупција и затајување на даноци, но наместо да биде награден, тој беше уапсен. Исто како и Пшенични, тој почина во затворот каде беше притворен, откако страдаше од големи болки но не му беше дозволена медицинска грижа. Шефот на Магнитски, Бил Браудер, оттогаш обвини голем број лица од руските власти за смртта на адвокатот.

Слично како кај Магнитски, и маките на Пшенични започнаа кога тој обвини некој друг за измама. Во овој случај, се работеше за неговиот поранешен партнер, Андреи Петров, кого бизнисменот го обвини дека крадел пари од компанијата. Петров беше уапсен во 2016 година, но со помош на среќа (и други фактори) успеа да ја сврти ситуацијата во негова корист, па судот одлучи дека всушност Пшенични е оној кој е виновен во целиот случај.

Пријателите често го опишуваа Валери Пшенични како „рускиот Елон Маск“. Неговата работа со 3Д модели на подморници беше сметана за револуционерна и имаше огромен потенцијал. Договорот за кој беше подоцна осуден дојде по желба на министерството за одбрана, кое на Пшенични му ја довери задачата да направи модели и планови за поправка на нивните подморници.

Според неговата адвокатка Лариса Фон-Арев, бизнисменот добивал закани уште пред да отиде во притвор.

„Агентите кои дојдоа да го приведат му рекоа да води грижа за неговите костуми и одела, бидејќи во гробот нема повеќе да му бидат потребни“, рече Фон-Арев.

Пред смртта, Пшенични често пишувал писма до неговата жена во кои вели дека бил измачуван и приморуван да плати некому огромни суми на пари. Тој ја советувал жена му да не одвојува ниту една рубља, тврдејќи дека од таа ситуација нема излез, без разлика дали тој ги има парите или не.

Сомнителните затворски убиства не се невообичаени во рускиот корумпиран правен систем. Она што е невообичаено во овој случај е фактот дека полицијата излезе со докази кои укажуваат дека се работи за убиство, а не за самоубиство. Случајот е и понатаму во тек, а адвокатката Фон-Арев смета дека државата треба да застане на нејзина страна и да го реши случајот во корист на семејството на Пшенични.

Слични содржини