САД ја ревитализира индустријата на јаглен

од Vladimir Zorba

 

 Веќе некое време се чувствува дека нешто чудно и поврзано за односот кон заштитата на животната средина и климатските промени се случува во Белата куќа. Прво е доведена во прашање работата на Агенцијата за заштита на околината (Environmental Protection Agency, EPA) така што во неделата на инаугурацијата на новиот американски претседател податоците на оваа агенција од официјалниот портал мистериозно исчезнуваа.

Новиот директор на оваа агенција, Скот Пруит, кој го постави претседателот Трамп, со изјавите дадени во март оваа година објави дека го отфрлува научниот консензус за тоа што се климатските промеи и дека тие се стварни, како и дека го отфрла научното разбирање за оваа појава со тоа што тврди дека зголемената емисија на јаглендвооксид во атмосферата не е примарна причина за климатските промени.

Исто така, персоналот во Министерството за енергетика на САД бил советуван да не ги користи термините „климатски промени”, „редукција на емисиите”, „Париски договор”, во пишана комуникација и брифинзите. Всушност, не им е забрането да ги користат овие термини, но им било сугерирано дека тие термини „предизвикуваат висцерална реакција” на Рик Пери, сегашен министер за енергетика на САД.

Конфузен нонсенс

Инаку, ЕПА е наследство на Ричард Никсон 37-ми претседател на САД, кој освен тоа што потпишал наредба која довела до основање на ЕПА, потпишал и Акт за чиста вода (Clean Water Act), Aкт за чист воздух (Clean Air Act), Акт за национална политика за заштита на околината (National Environmental Policy Act) како и АКт за загрозените видови (Endangered Species Act).

Неодамна сведочевме на трагедија од глобални размери и последици кога претседателот Трамп на јавноста објави дека ги повлекува САД од Парискиот договор. Стана јасно дека притисокот на ЕПА бил само увертира за оваа немила одлука и дека движењето March for Science го предвиде развојот на настаните. Трамп со тоа исполни едно од своите предизборни ветувања и во цел на својата визија за ревитализација на американската индустрија на јаглен го прогласи за неважечки договорот кој го потпиша неговиот претходник Барак Обама. Уделот на САД во емисијата на стакленичките гасови изнесува 17,89 отсто и од него повисока е само емисијата која ја произведува Кина (20,09 отсто). Со излегувањето од Парискиот договор, САД би станале една од само три земји кои не се обврзуваат да го почитуваат договорот, покрај Никарагва и Сирија.

Парискиот договор е договор внатре во Рамковната конвенција на ООН за климатските промени (United Nations Framework Convention on Climate Change, UNFCCC) чија задача е решавање на проблемите на климатските промени на глобално ниво. Нацртот на Парискиот договор беше предложен на Конференцијата за климатските промени на ООН, одржана од 30 ноември до 12 декември 2015 во Париз. Договорот беше потпишан на 22 април во 2016 година, а стапи на сила на 4 ноември 2016 година. Со него треба да се намали емисијата на стакленички гасови и да се обезбедат механизми за адаптација на новата состојба. Една од главните цели на овој договор беше ограничување на глобалното затоплување на температури под 20 C, а дополнителните цели се и обезбедување на снабдување со храна, јакнење на капацитетот на државите потписнички да се борат со последиците од климатските промени, како и развој на „зелени” технологии, помагање на послабите, економски послабо развиените членки во остварување на своите национални планови за намалување на штетните емисии на гасови.

Треба да се додаде и тоа дека во својот говор претседателот Трамп изјави дека САД се повлекуваат од договорот, но дека САД повторно ќе влезат во преговори за да се постигнат услови кои на оваа земја повеќе ќе и одговараат. Не е јасно што значи тоа, но академската заедница реагираше на овие изјави. Така од Институтот Грантам за климатските промени велат дека овие изјави се „конфузен нонсенс”, со оглед на тоа дека со Парискиот договор се предвидува ниту една од страните потписнички да не може да се повлече три години од моментот кога договорот стапил на сила. Во пракса, тоа значи дека САД не можат да го комплетираат своето повлекување од Парискиот договор пред 2020 година, а тоа воедно е и година на идните претседателски избори во САД. Исто така, говорот на претседателот Трамп за Парискиот договор и климатските промени е оценет како пример на лоша наука и манипулација со фактите и како чекор назад на САД во време кога Кина и земјите на Европа стануваат светски лидери во областа на одржливиот развој и „зелените” технологии. Со други зборови, тоа значи дека САД наместо да се вртат кон развој на нови извори на енергија и нови напредни технологии во 21 век, тие сакаат да останат земја зависна од технологијата на фосилните горива од 19 и 20 век.

Генијалноста на договорот

Меѓутоа, генијалноста на Парискиот договор е во тоа што потписничките се обврзаа дека ќе ги намалат емисиите на стакленичките гасови за толку за колку што сметаат дека е можно и дека не постои можност за повторно преговарање околу условите. Државите потписнички веќе ги спроведуваат своите ветувања и некои земји веќе покажуваат како ги намалуваат емисиите и повеќе од што ветија со договорот. Кина, ако продолжи вака ќе достигне намалување на емисијата дури пред една деценија од предвиденото со Парискиот договор, додека Индија ја намалува потрошувачката на јаглен и го забрза развојот на соларните технологии. Значи, без оглед на сето тоа, Парискиот договор функционира, иако има и свои лоши страни. Една од нив како што гледаме е и тоа дека не предвидува казни за државите кои вака ненадејно ќе се повлечат од договорот.

Ослобоѓење – Сараево

Слични содржини