Сакам да кажам, но подобро е ако излажам!

од Vladimir Zorba

„Страста за демократијата денес е потрага за тоа како да се открие ставот на секој човек и на секој народ како целост, како да се реализира волјата на луѓето, како да се следи патот на нивната внатрешна сила и ориентација, како да се најдат решенија за светот да се направи еднаков за сите. Станува збор за остварување на визии и на реалноста на еден добар човечки свет, на кој демократијата ќе му е вистински внатрешен дејствен механизам. Тоа значи дека кај демократијата не станува збор само за нејзините политички димензии и форми, дека демократијата не е само механизам на политичко одлучување, туку и начин на живеење, специфична култура“ (Етика на културата, Кирил Темков, 2009, Дом на културата, Кавадарци).

 Лажи и додека пружаш рака! Фото: Гугл

 

Идеја водилка со која пред речиси десетина години, кога докторирав, (за (не)среќа според многумина, бидејќи такви беа околностите, темата, менторот), си заминав со надеж дека ќе дадам придонес во нејзиното реализирање. По една деценија, преиспитувам, и себе си и светот, за тоа до каде дојдовме во реализацијата на тој начин на живеење, за степенот на практикување на таа специфична култура. И поразително, но вистинито. Како да го гледам антиподот од она што беше водилка, наспроти она што не се препорачува во вредносните ориентации. Особено во заедничкото живеење, во креирањето на заедничката реалност за можно добро живеење. Уште пофрапантно, но дури и Декалогот од Стариот завет, како рудиментиран облик на толкување и на практикување на моралот во цивилизацискиот развој, денес стои и се толкува превртено: како каталог на основните човечки пороци (SALIGIA) кои се пожелни за успешно дејствување во реалноста, како прирачник за преживување, особено во политичката, следствено и во медиумската реалност!

Од мноштвото набројани гревови, се чини лагата е најпретпочитаниот порок, со нова етикета – современа етичка доблест во согласност со народната „Сто пати изговорена лага, станува вистина!“ И успешно се практикува. Особено во политичката арена, а оттука, известувајќи за неа, и во самата новинарска професија и во медиумската реалност. Така, на пример, српскиот премиер пред некој ден го најави основањето на „Музејот на апсолутизмот и диктатурата на Вучиќ“, во кој ќе бидат изложени сите критички насловни страници на одреден број новинари кои се однесуваат на негова сметка, за истиот да покаже како медиумите во неговата земја, всушност, се опозициски и дека се работи за лага дека тој спроведува медиумска тортура и цензура. „Ќе видите весници во кои на 62 од 64 страници се пишува за мене и за моето семејство, каде ме оцрнуваат и ме нарекуваат проститутка и педер. Исто така, во државните весници ме споредуваат со Хитлер“, вели Вучиќ во обид да ја покаже оправданоста на оваа идеја, но која не е веќе нова на овие простори. Колку за потсетување, истата идеја ја реализираше и Милош Ѓукановиќ во 2013 година во Црна Гора, за да се претстави како жртва на негативните медиумски кампањи кои се водеа против него и неговата работа, а „да се предизвика сожалување кај јавноста и уште еднаш да се одигра улогата на човекојадец-вегетаријанец“.

 

ЛАГАТА – ГЛАВЕН ОРАТОРСКИ ЕЛЕМЕНТ

За употребата на „лагата“ како главен ораторски аргумент во нападите и во контранападите во политичката арена, за која медиумите се најмногу заинтересирани во нивните пренесувања на информациите и во креирањето на нашата дневна медиумска реалност, кај нас постојат безброј примери. За потребите на оваа анализа ќе издвојам само неколку кои се и напад, контранапад како одбрана, но и заткулисно сценарио за замајување на јавноста:

– Реакциите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ по изјавите на СДСМ во однос на еврообврзницата: „СДСМ продолжува да лаже како Заев“, во кои се оди и до навреда на нечиј јавен углед и поистоветување на личното со партиското по урнекот на партиското со државното, но и со изместување на логиката на аргументите и создавање софизми кога се вели: „Интересот за издадената еврообврзница е најдобар доказ од најголемите светски финансиски институции дека Заев и СДСМ лажат и водат поразувачки политики со единствена цел да и наштетат на Република Македонија (…) Неодамна во ист ваков чин на финансиски тероризам и вештачки создадена паника аболицираниот криминалец Заев и СДСМ натераа граѓани, без постоење на објективни причини, да ги повлекуваат заштедите и да изгубат огромни милионски средства на име на камати“. Едновремено, она што е одговор е обид за контранапад со зачестена употреба на зборот „лага“ во политичкиот вокабулар – „Наумов: Лага е дека парите од задолжувањето се за следните три години“, со објаснување: „Претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ Кире Наумов тврди дека образложението на власта дека парите од задолжувањето ќе се користат во наредните две до три години се лага“;

– Реакциите на СДСМ и на градоначалникот на Куманово по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ за школскиот превоз: „Дамјановски: Ниту една карта на ученик не е поскапа од 4,8 до 5,2 денари по километар “, како и „Очаен обидот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за напад на Општина Куманово“, и во кои во обидот да се акцентираат аргументите на партиите преку медиумите се изнесуваат и се пренесуваат изјави од типот: „Ниту една лага на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не може да го покрие незаконското работење на нивни функционери. Очаен е обидот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да излегуваат со апсурди што немаат допир со реалноста на денот кога се очекува одлука околу продолжувањето на притворот на градоначалникот од нивните редови Владимир Талески, осомничен токму за финансиски малверзации со превоз на ученици (…). Денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ е класична и огромна лага, својствена за начинот на владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ (…)“. Или уште пожестоко: „Секој осознаен човек во ова општество на таква конференција за печат би се запрашал за вистинитоста во она што го зборува. Жал ми е за такви млади луѓе што во моментот од за нив разбирливи причини или придобивките во политиката што ги имаат излегуваат и сами свесни дека тоа што го зборуваат не е веродостојно… “;

– Реакциите на главните политички ривали на македонската политичка сцена кога медиумите се користат за пренесување идеи, планови, проекти, па и т.н. „бесмислени лаги“ заради зголемување на рејтингот, „обелување на образот“, добивање поени пред предвремените избори… „ВМРО-ДПМНЕ Штип: Ветените зголемувања на плати ноторна лага на СДСМ“, каде се вели дека „Граѓаните знаат дека ветувањата на СДСМ за повисоки плати не се за верување, затоа што тие ветуваа и вработување на по еден човек во секое семејство па сите видоа дека тоа испадна една шарена лага (…)Во СДСМ треба да сфатат дека кога еднаш ќе излажеш, веќе никој не ти верува…и тоа е она што им се случува. СДСМ поради своите лаги и манипулации губи на изборите десет пати по ред (…)“. На оваа линија на напади е и „СДСМ: Изградбата на нова автобуска станица очигледно беше предизборна лага“, говорејќи за „Изградбата на нова, меѓународна автобуска станица која беше прв приоритетен проект во предизборната програма на Бакрачески очигледно била само уште една предизборна лага на ВМРО-ДПМНЕ.“;

– Особено констатациите или подобро речено обвинувањата на политичките актери за тековната состојба во која сме: „Димовски: Лага е дека ВМРО-ДПМНЕ ги кочи преговорите“, посочувајќи го другиот како „дежурен виновник“ за лошо направеното: „Како апсолутна манипулација и лага која што доликува на СДСМ, ги оцени денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски обвинувањата од страна на СДСМ дека неговата партија ги кочи преговорите меѓу политичките партии за Избирачкиот список и медиумите.“, но и контраодговорот во сличен манир „Шилегов: Целосното владеење на Груевски и ДПМНЕ-то не е ништо освен една голема лага“, каде се наведува: „Е токму заради ваквата лага, не сме сите исти во политиката. Целосното владеење на Груевски и ДПМНЕ-то, не е ништо освен една голема лага. Мотивите за таквото лажење ? Едноставни. Криминални (…) А знаат, многу добро знаат, колку пати излажале за да направат (сокријат) криминал (…) Лажи. Ќе им се смачи на луѓето. Лажи. Можеби ќе заборават што сме правеле. Лажи. (…) Опозицијата е деструктивна. Лажи, лажи, лажи“.

 

ДО ШТО ДОВЕДУВА ЛАЖЕЊЕТО

Претходното е алармантно, критично, оттаму што интенционалното пренесување на лагата од политичкото во медиумското, а оттука и во секојдневниот живот како лажење на јавноста, но и како увежбување на практиката „што повеќе се лаже подобра реалност (читај илузија) ќе се создаде (а некаде и се креира)“, доведува до:

  1. Деструкција на рационалната основа на постоењето (затоа што лагата е негирање на умот и на говорот, главните орудија на вистината);
  2. Лагата против другиот ја декласира сопствената вредност (затоа што создава слика за свет во кој владее недовербата и исплашеноста);
  3. Сходно, величење на негативитетот на лагата (што води кон соучесништво во упропастувањето на оној со кого го делите животот).

Затоа, согласно тезата дека во демократијата јавноста е тој морален судија кој треба да оценува, нека цени! Нека се разбуди и нека прифати одговорност за тоа на каде и како се оди. Но, изгледа, сѐ ќе биде попусто затоа што овие претходно споменати неморални тенденции, фантазмични неморални идеи за предавството на стандардните етички норми, а со алузија од романот на Горан Војновиќ „Југославија моја дежела“, водат до добро познатиот став за македонската колективна свест и помнење – ние не помниме! Можеби тоа е нашата најголема доблест, наместо проклетство: Стопати искажана лага да ја претвориме во вистина и тоа историска! Но, одговорноста тежи најмногу, зарем не!?

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини