Самит 100: Зајакната економска соработка за повисок животен стандард на граѓаните во регионот

од desk2

Зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан, пред се економската во насока на зголемување на животниот стандард на граѓаните од регионот е пораката, што ја упатија денеска премиерите на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на отворањето на панел- сесијата „Дали регионот може да се натпреварува на глобалниот пазар?“, која се одржува на вториот ден од Самитот100 во Скопје.

– Земјите од Западен Балкан преку зајакнување на регионалната соработка да ја донесат Европа тука, порача македонскиот премиер Зоран Заев, кој ја отвори сесијата.

Тој посочи дека целиот регион долго чека за полноправното членство во Европската унија, поради што мора да се преземат заеднички дејствија во таа насока.

– Мора да преземеме заеднички дејствија ако сакаме да го подигнеме животниот стандард за сите граѓани во регионот и да го придвижиме кон тој на граѓаните во ЕУ. Работиме во правец на унапредување на регионална соработка со сите шест земји. Западна Европа повеќе ќе не почитува доколку сме сплотени и ако покажеме поголема соработка, рече Заев. Премиерите од регионот, како што посочи тој, од овој Самит сакаат да испратат и порака за единство и пред деловните луѓе, да инвестираат во условите на зајакнатата соработка и единство.

Во врска со тоа кои реформи треба да се спроведат во земјите од регионот со цел да го достигнат развојот на државите кои во 90-тите години биле на пониско ниво, а сега се понапредни, црногорскиот премиер Душан Марковиќ го посочи она што го потенцира и Светската банка, макроекономската стабилност, структурните реформи и поголемото ниво на економска соработка.

– За да го надоместиме јазот со другите земји во развој ние тука во регионот мораме да бидеме способни да донесуваме одлуки и да стоиме зад нив, сите заедно да делиме таква определба. Соработката е интензивирана изминатиот период со средбите во Сараево, Брисел, Трст, Подгорица, Драч и сега Скопје, додаде тој.

Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека е нормално и природно земјите од регионот да се организираат заедно, нешто што, како што рече било невозможно само пред неколку години. Тој посочи оти е забележан прогрес во рамки на Берлискиот процес, откако првпат беше лансиран, а сето тоа е содржано во Акцискиот план, кој содржи 120 мерки, што секоја земја треба да ги преземе во насока целосно да се смени начинот на која комуницираме една со друга во смисла на движење на луѓето и стоките.

– Во меѓувреме се бориме за унапредување на регионот, чиј потенцијал не е доволно искористен поради големиот број препреки, недостигот на прогрес во изминатите времиња, што не спречи да го сториме она што е добро за нашите луѓе. Се надевам дека ќе се бориме заедно против застарените сфаќања и ќе бидеме способни да внесеме нова енергија на соработка преку уривање на бариерите и отворање едни кон други. Треба да ги отвориме границите за соработка, за трговија и за бизнисмените. Тоа ќе биде потврда дека сме подготвени да се справиме со предизвиците како Европејци, нагласи Рама.

Според претседавачот на Советот на министри на БиХ Денис Звиздиќ приоритет на сите земји треба да остане зајакнувањето на економската соработка, која нема да биде попречена од какви било административни и царински бариери.

– Колку повеќе заеднички регионални проекти, толку поголем напредок. Треба да ја препознаеме и комплементарноста на нашите стопанства… Ако го сочуваме амбиентот на целосна стабилност, услов без кој не е можна интеграцијата во ЕУ, тогаш можеме да зборуваме за Западен Балкан, како се поатрактивно место за европски и светски инвеститори, рече Звиздиќ. На Самитот учествуваа над 150 бизнис лидери од ЈИЕ, министри и претставници на ЕУ, а клучна тема беше поврзувањето меѓу земјите од регонот на сите нивоа./МИА

Слични содржини