Самсунг официјално ја обвини батеријата за експлозиите на Galaxy Note 7

од Vladimir Zorba

Компанијата “Самсунг” (Samsung Electronics) ja посочи официјално во понеделникот причината за фијаското на смартфонот  Галакси Ноут 7 (Galaxy Note 7) – дефект на батеријата. Токму проблемите со батеријата на Galaxy Note 7 доведоа до прекин на производството на уредот што требаше да стане водечки производ, но заврши со историско трговско фијаско.

Внатрешни и независни истраги “заклучија дека батериите се причина за инцидентите со Note 7”, напиша јужнокорејскиот гигант во соопштението. Заклучоците беа очекувани од речиси сите.

Најголемиот производител на смартфони во светот беше принуден во септември 2016 година да нареди да се повлечат 2,5 милиони уреди Note 7, откако доволно голем број од нив се запалија или дури експлодираа. Потоа – во октомври – првиот јужнокорејски конгломерат мораше да се откаже целосно од производството на уредот што требаше да му конкурира на iPhone 7, кога се покажа дека дури и некои од преработените Note 7 исто така се запалија.

Овој трговски неуспех го чинеше на “Самсунг” милијарди евра, покрај недостатокот на добивка и влијанието врз имиџот на брендот, што е потешко да се утврди.

“Ние го даваме нашето искрено извинување за непријатностите и грижата предизвикани на нашите клиенти”, изјави за новинарите во Сеул Кох Донг Џин, кој раководи со одделот за мобилни уреди на “Самсунг електроникс”.

Компанијата наведува дека мобилизирала 700 научници и инженери за својата истрага. Тие тестирале повеќе од 200 илјади уреди и над 30 илјади батерии.

“Ја преземаме одговорноста дека не успеавме да ги идентификуваме и да утврдиме проблемите кои настанале при проектирањето и производството на батериите”, се вели во соопштението.

“Зедовме корективни мерки, за да сме сигурни дека тоа никогаш нема да се случи повторно”.

Одлуката да се запре производството на уредот кој беше наменет да се натпреварува со големиот ривал “Ајфон” (iPhone) на “Епл” (Apple) беше катастрофална за компанија навикната да се дефинира како најдобра во технологијата, и на која се гледаше така.

Во вторникот се очекува “Самсунг” да ги објави резултатите за четвртиот квартал. На крајот на октомври “Самсунг Електроникс” соопшти за пад од 30% на оперативната добивка во третиот квартал.

По објавувањето на резултатите од истрагата на Samsung Electronics се качи (кон 01:50 UTC) со 0,91% до 1,87 милиони добивка. “Самсунг” минува низ еден од најлошите периоди во историјата.

 

Слични содржини