Саше Политико бара од Минчо Јорданов 4.400 денари за поправката на скршениот телефон

од desk4

Новинарот Саше Ивановски – Политико бара од бизнисменот Минчо Јорданов пари за поправката на мобилниот телефон чиј екран беше скршен за време на инцидентот на настанот за одбележување 20 години од постоењето на „Макстил“.

„Минчо, очекував ако не друго, бар да ми го платиш скршениот мобилен телефон, поправката ме чинеше 4.400 денари, за што имам и документ од мобиларата која ми го смени скршениот екран. Полицијата во БЕКО регистрираше дека телефонот е скршен за што има и записник. Милионер си, не се брукај, тие пари за тебе се ништо, за мене се многу, имај барем малку доблест“, пишува Политико на својот портал Мактел.

Политико вели дека претпочита Јорданов да му префрли пари за поправката за да не го тужи.

„Од тебе не барам ниту денар повеќе, туку само да ми ја надоместиш штетата што ми ја нанесе кога реши да се тепаш со мене затоа што не ти се допадна прашањето кое ти го поставив на јавен наста на јавно место а ти си јавна личност иако не си на политичка функција сепак си поврзан со многу тендери и моја новинарска должност беше да ти поставам тешки прашања“, пишува Политико.

Тој на Мактел ја објави и својата сметка на која бара Јорданов да му ги префрли парите.

Инаку, Политико пред еден месец се обидел да му постави прашања на бизнисменот Минчо Јорданов по завршувањето на настанот, но не добил никаков одговор туку бил нападнат. Снимката завршува со тоа што Јорданов му го турка телефонот на Ивановски од рака.

– Јас регуларно чекав да заврши настанот па му пристапив на Јорданов со намера да му поставам неколку прашања. Тој се согласи, но кога почнав да го прашувам за изградбата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ од страна на неговата „Бетон“ ми се нафрли да ме напаѓа, па други бизнисмени го држеа за да ме одбранат. Тој се обидуваше да ми го земе телефонот со којшто снимав, и на крај успеа, па го стави во џебот, а бодигардите ме исфрлија надвор од салата. Потоа ми го вратија телефонот, но тој е скршен – раскажа Ивановски тогаш за Либертас.

Ивановски вели дека Јорданов се налутил кога тој го прашал зошто на ВМРО-ДПМНЕ му ја подарил новата зграда, односно новото седиште на паријата, и дали стравува од истрагите на СЈО за тендерите за Скопје 2014, од каде неговата ДГ Бетон АД, Скопје наплатила над 216 милиони евра.

Случајот беше заведен и во билтенот на МВР:

„Синоќа во 20.40 часот во Полициската станица Центар, С.И. (37) од Кратово пријавил дека истиот ден во 20.00 часот во хотел „Мериот“, во конференциската сала на вториот кат, лицето М.Ј. насилно му го грабнал мобилниот телефон од раце и го оштетил, по што телефонот не му бил функција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во дневниот билтен на МВР.

Слични содржини