Опозициската СДСМ со реакција на прес конференцијата на премиерот Никола Груевски. Во реакцијата се вели:

„Груевски ги потврди сите скандали поврзани за него и неколкумина негови соработници и невешто се обиде да се правда за срамните потези што ја згрозија јавноста. Тој потврди масовно незаконско прислушување на граѓаните на Република Македонија.

Груевски ја потврди содржината на прислушуваните разговори од страна на УБК.

Тој тоа го стори со убедувањето дека биле израз на човечки гнев изживувањето врз нечија судбина, или запрепастувачките навреди кон новинари, сопартијци, кон политички противници.

Од истите разговори јавноста слушна и за местењето судии и обвинителско-судски одлуки, за монтирани политички процеси против неистомисленици, за масовно прислушување на над 100 новинари, за извештаи и анализи за новинари правени од УБК, но на сето тоа Груевски нема одговор и затоа тоа го одмолча.

Груевски потврди дека тој нарачал снимање на претседателот Заев во неговиот кабинет, а му се испушти и дека за наводни докази знае од Обвинителството, со што го потврди неговиот упад во правосудството и сторено кривично дело.

Никола Груевски е исплашен дека граѓаните го видоа неговото лице и лицата на тесно партиска група што му помага да се држи на власт. Исплашен е и дека прашање на момент е кога соработниците ќе почнат да му го вртат грбот. Затоа на прес конференцијата убедуваше да не брзаат со заклучоци и за наводни сценарија од коишто наводно тој ќе ја бранел Македонија.

Граѓаните на Република Македонија почнаа да ја препознааваат вистината, а таа е една, дека на Македонија и е потребна одбрана, но од Груевски и неговиот братучед Мијалков.

СДСМ ги охрабрува сите граѓани без разлика на политичката припадност да се спротивстават на дрското и штетното владеење на братучедите Груевски и Мијалков за лични цели.

Очајни се обидите на Груевски со “акциони филмови“ да се брани од вистината.

СДСМ е цврсто решена, Вистината за Македонија ќе биде обелодета докрај“, стои во соопшетнието на СДСМ.

Слични содржини