СДСМ: ЈСП да го среди проблемот на граѓаните што им го создаде со градскиот превоз

од Vladimir Zorba

Веднаш да престанат кражбата и малтретирањето на граѓаните преку јавниот градски превоз во Скопје. Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) веднаш да го средат проблемот што им го создадоа на скопјани со градскиот превоз, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „додека Никола Груевски се вози со мерцедес од 600.000 евра, а неговите соработници дивеат во службени лимузини и дење и ноќе, загрозено е правото на граѓаните на редовен и достапен јавен градски превоз.“

– Граѓаните не се навреме информирани за своите права и обврски околу употребата на електронските картички. Не знаат која картичка е најисплатлива за нивните потреби. Во билетарниците и автобусите, поради гужвите, вработените немаат можност да ги сослушаат граѓаните и тие се принудени да платат најмалку 150 денари за картичка, без да знаат дали им е потребна и кои им се другите поисплатливи опции – велат од СДСМ.

Во соопштението се вели и дека „воведените апсурдни рокови, до кога треба да се потроши сумата на картичката, што е право на граѓаните кои ја платиле, дополнително ги збунува граѓаните“.

– Им истекуваат платени картички, а треба да плаќаат за нови надополнувања. Дополнителен хаос и трошок се возењата со ноќните линии на градскиот превоз, бидејќи за нив не важеле месечните картички, па граѓаните требало да вадат дополнителна картичка за ноќни линии – се додава во соопштението.

Од СДСМ велат дека поради укинати или прераспределени линии, граѓаните наместо по 5 чекаат и по 20 минути на студот за автобус./

Слични содржини