СДСМ најави пријава против Јакимовски поради кршење на Изборниот законик

од Vladimir Zorba

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска најави дека ќе поднесе „соодветна пријава“ против градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски поради кршење на Изборниот законик со поставувањето на камен-темелник за нова градинка во општината.

„Откако СДСМ вчера ги обелодени лошите услови во градинката „Мајски цвет“ и беше обелоденето дека Стевче Јакимовски со години ги лажеше граѓаните и им ветуваше изградба на нова градинка во населбата Бардовци, продолжената рака на Никола Груевски и градоначалник во заминување, денеска побрза да удри камен-темелник на новата градинка „Аврам Писевски“ во оваа населба“, велат од СДСМ.

Според партијата, ваквите активности на Јакимовски се спротивни на членот 8-а од Изборниот законик.

„Јакимовски нема да успее да ги прикрие штетите што им ги нанесе на граѓаните со неговото неодговорно, расипничко и коруптивно владеење со општина Карпош“, порачуваат од СДСМ.

Слични содржини