СДСМ најавува нова Влада за 10 дена

од Vladimir Zorba

Еден ден откако Заев го доби мандатот, од неговата партија велат дека програмата и владиниот кабинет ќе бидат доставени во Парламентот за 10 дена. Од СДСМ најавија и дека во следните денови Заев ќе се види со лидерите на ДУИ и ДР-ДПА, Али Ахмети и Зијадин Села, за заокружување на преговорите за формирање на новата Влада.

Од движењето БЕСА учеството во новата Влада го условуваат со смена на спикерот на Собранието, Талат Џафери.

„Движењето БЕСА ги гради начелата за почеток на преговорите за формирање на новата Влада. Секако, дека завршниот збор го има Централниот совет на движењето БЕСА, како највисок орган. БЕСА констатира дека што побрзо треба да се преземаат конкретни мерки за старт на една реформска Влада која ќе биде од полза за граѓаните на Македонија“, изјави Фатон Фазлиу, движење БЕСА

Од Алијансата за Албанците велат дека конечната одлука за влегување во Влада ќе ја донесе партиското централно раководство.

„Набргу ќе имаме заседание на Централното раководство, а во меѓувреме чекаме да се врати и претседателот Зијадин Села од лекување надвор од државата. За нашиот пристап ќе се одлучи во партиските органи. Секако, седмицата која доаѓа ќе има преговори. Сè уште имаме внатрешни консултации за да одлучиме во однос на многу нешта“, соопштија од Алијанса за Албанците

Претседателот на Собранието, Талат Џафери рече дека чека Заев да му ја испрати програмата и составот на владиниот Кабинет за да може да свика собраниска седница./АлсатМ

Слични содржини