Немало никаков физички контакт меѓу членот на СДСМ и пратеникот Амбди Бајрам денеска во ГТЦ, што нотираше и полицијата, соопшти вечерва СДСМ.

„Во продавница за фармерки во ГТЦ, Амди Бајрам и наш член и активист имале вербална расправија. На нервозната реакција на обезбедувањето на Амди Бајрам, што го толкуваме како обид за провокација за физичка пресметка, не било возвратено од страна на членот на СДСМ. Немало никаков физички контакт меѓу членот на СДСМ и Амди Бајрам! Напротив двајца од обезбедувањето на Амди Бајрам и тројца од обезбедувањето на ГТЦ се нафрлиле врз него. Полицијата којашто за брзо време се нашла во продавницата истото ова го има нотирано“, извести СДСМ.

Според СДСМ, Груевски и Јанкулоска не избираат средства во обидите да го дефокусираат вниманието од криминалите и изборните фалсификати во коишто се фатени.

„Уште еднаш се потврди дека МВР и Амди Бајрам се класични инструменти во рацете на Никола Груевски кога тоа ќе затреба. Врв на очај е драмата што ја прават вечерва, преку Амди Бајрам, кој наводно бил физички нападнат, па дури и поради тоа завршил на Кардиологија. Апелираме да престанат обидите за провокации и користењето марионети, како Амди Бајрам, коишто не можат да ги засенат огромните скандали во коишто е инволвирана тесната група на власт“, се вели во писменото соопштение од СДСМ.

Слични содржини