СДСМ презема чекори за 11 декември да се бетонира како ден за изборите

од Vladimir Zorba

СДСМ денека ќе инсистира на следните чекори кои треба да се преземат за да се осигура дека изборите сигурно ќе се одржат на 11 декември, дознава „Мета“ од извори во партијата. Оттаму велат дека се задоволни со досега постигнатото, но сепак бараат строго почитување на одредбите од Изборниот законик.

dogovor-przino

Како што дознаваме, сè уште нема одредено датум кога би се распуштило Собранието. Првата пленарна седница за предлог-буџетот за 2017 година е закажана за денеска и таа треба да трае минимум пет дена.

Распуштањето на Собранието најверојатно го чека и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, кој в петок, на 14 октомври, ќе ја посети Република Македонија.

Според најавите, тој во Скопје ќе се сретне со лидерите на најголемите политички партии, со специјалната обвинителка, Катица Јанева, и со претставници на граѓанскиот сектор.

Информацијата за посетата на Хан доаѓа по одлуката на владејачкото мнозинство во парламентот да не ги поддржи барањата на специјалната јавна обвинителка за измени на Законот за СЈО, односно продолжување на рокот за истраги, како и за измена на Законот за заштита на сведоци.

Еврокомесарот, кој посредуваше во носењето на Договорот од Пржино, за време на посетата се очекува да разговара и за опструкциите што му се вршат на СЈО, подготовките за изборите и за распуштањето на Собранието.

За да се распушти Собранието, исто така, треба некој пратеник или пратеничка група да поднесе иницијатива за распуштање за да може претседателот на законодавниот дом да ја стави на дневен ред.

Утре, пак, на пленарната собраниска седница се закажани повеќе точки на дневен ред, меѓу кои и предлогот за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница поради мигрантската криза. Ако предлогот биде усвоен, наместо до 31 декември оваа година, кризната состојба ќе трае до 30 јуни 2017 година.

На седницата ќе се расправа и за предлог-закон за изменување на Законот за внатрешни работи, по скратена постапка, за предлогот за избор на член на Судскиот совет на Република Македонија итн.

Според тоа што партиите го зацртаа во Договорот од Пржино, пак, Собранието треба да се распушти од 45 до 60 дена пред одржување на изборите.

Засега, се очекува изборите да се одржат на 11 декември оваа година./Мета

Слични содржини