СДСМ: Заврши времето кога ВМРО-ДПМНЕ енормно се богатеше

од Vladimir Zorba

Заврши времето на системско уништување на економијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, стои во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Христијан Мицковски за владиниот план за менување на даночната политика.

„Заврши времето кога мала група во раководството на ВМРО-ДПМНЕ енормно се богатеше, додека останатите граѓани преживуваа. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ во економијата ќе останат запаметени по катастрофалните штети што оваа партија ги нанесе врз економијата и граѓаните. Криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ затвори над 10 000 домашни фирми, турна 500 000 граѓани под прагот на сиромаштијата, а 180 000 граѓани преживуваа само со 40 денари дневно“, реагираат од СДСМ.

Според владејачката партија, воведувањето на праведен даночен систем, во кој оние кои заработуваат повеќе ќе плаќаат повеќе од оние кои заработуваат помалку, ќе го намали јазот на економската нееднкавост и ќе изврши корекција на неправедната распределба на доходот и општественото богатство.

„СДСМ, преку новата Влада што ја предводи ќе ги поправи штетите што ВМРО-ДПМНЕ ги направи во економијата. Преку зацртаните реформи, Владата предводена од СДСМ ќе обезбеди праведно оданочување, нови работни места и зголемување на платите, што ќе доведе до севкупен раст на економијата и добро за сите граѓани“, стои во реакцијата на СДСМ.

Слични содржини