Се надевам Заев ќе остане каков што е! Да се смениме ние и да ги подигнеме очекувањата од политичарите

од Vladimir Zorba

Бил ли Зоран Заев политичар или не – ете тоа е нашата голема ФБ дилема деновиве!

А предизвикана е од што: од тоа што Зоран Заев изреагирал како и секој од нас, се вклучил во дебата, и тоа на ФБ ѕидот на негова пријателка, а богами, ете, и му се “испуштило” да каже зошто некого вработил!

Eleonora Karanfilovska Ratcliff

Да го поставам прашањето поинаку – дали сме ние граѓани кои ќе можат да имаат еден ваков “политичар” како Заев? Или се уште натежнале над нас оние перцепции за нашите недопирливи комунистички лидери, кои се “дел од нас” но далечни, седнати на приграбени тронови до кои со страв доаѓаме броејќи чекори и чекори низ оние нивни долги канцеларии? Оние во костуми? Оние за чиј приватен живот никогаш не знаевме? Оние кои ги гледавме само на официјални средби или во строго сценариски обработени “блиски средби со граѓаните”, пардон “другарите и другарките”? Оние за кои не знаевме дури и кога умираа, зошто болеста, нели, е човечка, а лидерот, оној што е дел од нас, е сепак над-човек?

Зоран Заев беше со нас по улици. Не беше донесен и накалемен. Едноставно – таму! Беше и во Диво Насеље. И во Стајковци. Вчера, мислам во Прилеп. Ах, да, и на карневалот во Струмица. Сосема, онака, во костум – карневалски.

Премногу ли е за нас да го гледаме Зоран Заев како еден од нас?

Оној Заев, кој секогаш е спремен да разговара? Читам во сите овие дискусии, човекот на многумина и во инбокс им пишувал. Одеднаш ни смета тоа внимание? Или ни смета тоа што не зборувал само со нас, не сме имале ексклузива, и тој бил таков со многумина?

Оној Заев кој сака да полемизира јавно и со пријатели и со оние кои мислат инаку? Подобро ќе беше да изигнорира? Да прати соопштение? Да ги пушти медиумските загари да лаат и черечат?

Камо макар и збор за тоа што тој самиот си го администрира својот ФБ профил, а згора и чита што во слободно време пишуваат оние со кои тој е ФБ пријател? Ах, да, и што одговара! Што искрено говори, дури и тогаш кога знае дека можеби некој ќе мисли дека тој греши? Што како и секој од нас ќе каже јавно кога има инакво мислење од нас?

Што на Нора и го кажа истото што пред камера им го говореше на луѓето од поплавените подрачја – јави се кај мене во партија ако треба, тука сме да помогнеме. Дали е несмасно срочено е друга работа. Но, дека е искрено и дека не е ништо ново, е факт.

Затоа нека си остане Зоран Заев онаков каков што е. Да се смениме ние и да ги подигнеме нашите стандарди на очекувањата од политичарите кои и треба да бидат нашата слика.

Во спротивно, ќе продолжиме да поддржуваме наакани, исфрустрирани боксери кои ќе глумат лудило пред нашите очи, а во тајност ќе нарачуваат Мејбах Мерцедеси со видео опции на задните седишта зашто ќерките им сакаат да гледаат филмчиња дур се возат. Ах, да, и ќе ги плаќаат со наши пари!

Се надевам Зоран Заев ќе остане таков каков што е!

Да се спориме со него околу политиките, околу постапките, околу понудата. Но, да не му ја спориме отвореноста и искреноста. И онаа незапирлива жед да се биде со нас.

Политичарот Зоран Заев – токму ваков каков што е, ни е и те како потребен.

Елеонора Каранфиловска – Ретклиф

(Фејсбук статус)

Слични содржини