Се огласи Грујо преку косовски весник, Сорос му бил крив и за Албанците!

од Vladimir Zorba

Се случи и тоа. Никола Груевски даде интервју за албански медиум! И тоа, не било какво интервју, туку гига-мега интервју. Башка, по негово барање, како што наведува порталот „Газета Експрес“, медиумот што ја доби оваа „ексклузивка“, а кој е еден од најчитаните портали воопшто кај Албанците во регионот и во светот. Прашањата до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ биле испратени во писмена форма, а одговорите пристигнале во аудио формат, на англиски.

petrit saracini

Во интервјуто, во кое се зборува за односите со Косово, односите со Албанците во Македонија и со нивните партии, за нивната декларација и за преговорите за составување нова влада, но и за други прашања, главната теза што ја пласира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тој и неговата партија, се неоправдано, негативно портретирани кај Албанците од медиумите на албански јазик, блиски до Сорос, кои според Груевски, не информираат за ништо од тоа што било направено за Албанците.

„Медиумите на Сорос и невладините организации, не само што не ги презентирале овие чекори, туку тие постојано ги иритираа Албанците против нас и ги претставија нашите чекори како нешто мало и безначајно. Ова не значи дека треба да запреме, но ние не треба да следиме нелогични решенија, од кои никој не може да има корист”, вели Груевски во интервјуто за „Газета Експрес“.

Чекај малку, сега! Сорос го претставил негативно Груевски пред Албанците?!

А зошто е ова г. Груевски прво интервју за медиум на албански јазик во овие 10 години? И тоа, за медиум од Косово (кое едвај го признавте под домашен и меѓународен притисок, и кое, вие и вашите послушници, постојано го третирате како непријателска територија), со чии државници досега не сте имале официјална билатерална средба?

Зошто досега не дадовте ниту едно интервју за медиум на албански јазик од Македонија, каде што ќе го разоткриевте Сорос и неговата намера да ве скара со Албанците?
Зошто на минатите баравте избори апсолутно мнозинство во Собранието од вашите гласачи, за да не бидете уценувани од партиите на Албанците?

Зошто праќавте хермелини и специјалци по чајџилници за фискални каси?
Зошто ја направивте Енциклопедијата, во која се навредуваат Албанците?

Зошто економските зони во регионите населени со Албанци зјаат пусти?

Зошто вашите приврзаници и на протестот пред ДИК им пееја на „клетите Шиптари“?

Не, господине низаеден. Имаме уште многу прашања и докази кои би ги изнеле пред вас, за да ви докажеме дека вашиот лик во очите на Албанците го градевте вие, вашата реторика и постапки, како и секојдневното анти-албанство, демонстрирано преку јазикот и содржините на медиумите и мегафоните од различен профил под ваша контрола.

И со овој кукавички чин, со кој избегнувате соочување со медиумите на албански во Македонија и барате – ем давате интервју за медиумот, чие уредништво е блиско до одредени структури во ДУИ блиски до вас и навива да оформите влада со ДУИ, ја испративте повторно вашата порака. Дека вие не сакате да разговарате со кого било, што мисли малку поинаку од вас. Затоа го искористивте повторно вашиот (кон)сензуален партнер ДУИ, за преку него и неговиот курир, или коњ, сеедно, да го изведете овој обид за замачкување на вистината со нови релативизаторски невистини!

Другпат, кога ќе сакате да им се обратите на Албанците од Македонија, господине Груевски, слободно направете го тоа во Скопје, Тетово, Куманово…, во Македонија. Има канали на јавниот сервис МТВ и на МР, на албански јазик. Има четири приватни национални телевизии на албански јазик, има неколку весници. И, поголемиот дел од нив не примаат пари од Сорос. Некои од нив, добиваат помош од УСАИД, за којшто сте работеле, како што се пофаливте во интервјуто за „Газета Експрес“. А некои од нив би можеле, со истата „помош на коњот на ДУИ“, да ви ги обезбедат истите услови, ако не и далеку подобри, за да ги пласирате вашите лажни тези.

Петрит Сарачини

Извор: Цивил Медиа

Слични содржини