Се уште нема утврдени кривични дела за насилствата во Собранието, информира ОЈО

од Vladimir Zorba

Основното јавно обвинителство Скопје е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи во врска со идентификација на учесниците во нередите кои се случија во Собранието на Република Македонија, а дежурните јавни обвинители и даваат насоки за натамошното постапување на полицијата, велат од ОЈО преку соопштение.

„Поради обемноста во постапувањето на обвинителството до овој момент се вклучени шест јавни обвинители, но согласно потребите бројката на вклучени јавни обвинители се очекува да се зголеми, а се во насока на брзо и ефикасно расветлување на овие кривично правни настани. До овој момент не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела“, велат од Обвинителството.

Од таму појаснуваат дека поставувањето на конкретната правна квалификација за секое лице за кое ќе се утврди дека сторило кривично дело ќе биде сторено откако ќе се собере потребниот доказен материјал и утврдување на фактите одделно за секое лице.

„Бројот на лицата лишени од слобода, конкретните дејствија на истражните органи, како и натамошните дејствија кои ќе бидат преземени, јавното обвинителство ќе и ги соопшти на јавноста кога ќе се создадат услови за тоа и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите“, додаваат од ОЈО./META

Слични содржини