Се зголемува бројот на студенти заедно со професори кои веќе четири дена по ред престојуваат во автономната зона од зградата на Филозофски/Филолошкиот факултет. Тие незадоволни од изгласаните измени од Законото за високо образование, со кои се воведува и државниот испит на универзитетите, ја окупираа зградата во средата.

Студентска окупација на техничките факултети

Еден ден подоцна, студентскиот фронт се прошири и на Техничките факултети кога студентите ја освоија зградата на Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Студентите и од двете автономни зони велат дека не се откажуваат додека не бидат слушнати од надлежните и нивните барања не бидат исполнети.

Студентска окупација на техничките факултети

„Генерално, окупацијата се одвива во добар тек. Дневно се одржуваат алтернативни предавања со кои се пополнува просторот. Бројката на студентите што се решаваат да спијат на факултет се зголемува. Досега 100-150 се вклучени посебно во двете факултетски згради. Тие се добро расположени и активно се вклучени во програмата“, изјави за Радио МОФ, студентот Дарко Малиновски од Студентски пленум.

Постојано пристигнуваат голем број донации од родители на студенти кои кампуваат на факултетите, професори кои ги поддржуваат, но и граѓани кои доаѓаат со своите помали деца.

„Тие нè подржуваат во барањата бидејќи велат дека нивните деца ќе бидат дел од проблематичниот образовен сектор. Нашата борба ја сметаат за нивна и нè замолуваат да истраеме“, додава Малиновски.

Во врска со изјавата на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, во која вели дека не ја разбира реакцијата на студентите кои прогласија автономна зона и дека тие не би требало да протестираат на овој начин, Малиновски лично смета дека е неискоординирана изјава, а намерите на владата ќе се увидат по понеделник.

Денеска, со свое соопштение во врска со изјавата на Адеми излезе Професорскиот пленум од каде велат дека информацијата за јавно изразениот став на министерот и неговото разбирање како треба да се води процесот на изработка и донесување на пакетот закони од областа на високото образование, ја примиле со неверување и незадоволство.

„Сметаме дека министерот Адеми и МОН, во деновите кои доаѓаат, а пред првиот состанок со претставниците на УКИМ и на двата пленуми, треба да и објаснат на јавноста што значат изјавите на првиот човек на министерството. Само така ќе бидеме уверени во искрената намера на власта за инклузивна, транспарента, но и суштествена работа за унапредување на квалитетот и стандардите на високото образование“, велат од Пленумот на професорите.

Министерството за образование и наука пак, вели дека продолжува дијалогот на релација влада-универзитет информирајќи дека е закажана средба со работната група од УКИМ за во понеделник, каде ќе се разговара за концептот и текстот на Законот за високо образование./Радио МОФ

Слични содржини