Седницата за Зврлевски повторно прекината поради слави и имендени на пратениците

од Vladimir Zorba

Претседателот на Собранието, Талат Џафери го прекина денешното продолжение на собраниската седница, на која на дневен ред е разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, откако и денеска координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски побара пратениците да прекинат со работа во 18 часот бидејќи голем дел од нив сакаат да го одбележат верскиот празник Павловден со своите фамилии.

– Г-не Џафери јас би сакал да реагирам затоа што најавувате работа по 18 часот. Вчера укажавме дека денеска и вчера се значајни празници за христијанската вера и многу пратеници имаа свои фамилијарни причини да ги одбележат овие празници. Бараме седницата да заврши во 18 часот за да може колегите пратеници, без разлика на партијата на која и припаѓаат, да можат да пристапат кон одбележување на празниците. Вчера направивте грешка, за која и самите сфативте дека е грешка и се надеваме дека денеска ќе покажете широчина кон потребите на пратениците – рече Димомвски, по што Џафери веднаш ја прекина седницата, а за нејзиното продолжени најави дека ќе извести подоцна.

Денешното продолжени на седницата за разрешувањето на Зврлевски помина во знакот на реплики и контрареплики помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ (кои дејствуваат преку 10 пратенички групи) со кои си даваа поддршка на заедничкиот став дека во образложението на Владата не се наведени конкретни причини за разрешувањето на Зврлевски и дека тоа се прави затоа што јавниот обвинител го „разобличил криминалот на Зоран Заев“.

– Намерата која што стои зад оваа точка е партизација во сите институции. Ова Собрание треба да ја исполни својата контролна функција. Во говорот на заменик-министерот за правда не чувме ниту едно образложение туку само политички пораки – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.

Координторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев ги повика пратениците од опозицијата на ефикасна расправа за да може поскоро на дневен ред во Собранието да дојдат реформските процеси.

– Ги повикувам колегите од опозицијата да бидеме ефикасни и во име на достоинството на човекот за кого разговараме, но, и за час поскоро започнување на реформските процеси. Дајте да сведеме на нормална разумна расправа која нема да не доведе до пролонгирање на работата затоа што сите граѓани чекаат разрешување на Зврлевски за да почнат реформите – рече Тунтев.

Илија Димовски наведе дека „предлогот за разрешување на Зврлевски е компилација од три партиски прес-конфернеции на СДС, без никаква анализа и факти“ и апелираше да се прекине расправата по оваа точка и утре на седница да биде разгледан предлогот за измена на Законот за јавно обвинителство, со кој се бара државниот јавен обвинител да го предлага опизицијата и тој да се избира со двотретинско мнозинство.

На ова реагираше пратеникот од коалцијата на СДСМ, Павле Богоевски, кој рече дека прво „мора да се отстрани ракот од државните институции, а потоа да се носи нов закон за јавно обвинителство“.

– Не постои друго име кое што посилно се поврзува со фамилијата и соучеството во криминалот. Барате нов закон за јавен обвинител. Не, тоа нема да помине. Ќе добиете нов закон дури кога ќе одговарате за криминалите што ги направивте. Барате да ви подадеме рака за 27 април? На кого рака? На Крсто Мукоски? На Василевски? Срам да ти е Крсто – рече Богоевски.

Спикерот Џафери во текот на седницата неколкупати ги опомена пратениците за редот во салата, а пред крајот на денешното продолжение рече дека ќе почне да им црта како да се однесуваат пристојно.

– Ќе се обидам да се обучам да цртам и после паузата да добиете цртежи. Можеби треба на англиски да зборувам или на албански (почна да зборува албански јазик), бидејќи не знам како на друг начин да ви укажам дека не треба да дофрлате и да кревате врева додека ваш колега зборува – рече Џафери.

Слични содржини